Трофејниот српски тренер Борис Ројевиќ (45) ќе го води ГРК Охрид во следните три сезони.

Стручњакот кој за седум години на клупата на новосадска Војводина ја зацврсти доминација на клубот на домашната сцена, освојувајќи ги сите шампионски титули, го донесе европскиот трофеј наменет за победникот на ЕХФ Купот во 2023 година, а ја водеше екипата и до ТОП 16 фазата во ЕХФ Лига Европа во два наврати, ова лето ќе го преземе амбициозниот македонски проект со желба во својот мандат да го донесе првиот трофеј во градот покрај езерото.

 

Тренерот, кој во минатото ја водеше и репрезентацијата на Србија, на почетокот на февруари спогодбено се раздели со Војводина, а по постигнување на договор со раководството на охридскиот суперлигаш целосно е посветен на формирање на играчки кадар и стручен штаб кој треба да направи исчекор во следната сезона 2025/2026.

По разделбата со Војводина, ги сумирав впечатоците со директорот на клубот Дарко Јевтиќ, со кого работев 10 години и кој заедно со Милан Ѓукиќ ми дадоа шанса да се докажам како тренер. Таа одлука навистина беше полн погодок. Војводина ми даде многу, но мислам и дека со 20-те трофеи што ги освоивме заедно, му се оддолжив на клубот за довербата што ми ја укажа. Оваа беше тешка година за мене. Се чувствував презаситен од ракометот поради се што се случуваше околу репрезентацијата. Извесен период бев во преговори со луѓето од Охрид кои се завршија. Сакав да направам пауза, да се одморам, да соберам сили и да направам добар план со новиот клуб. Ги наполнив батериите, будно ги следам случувањата и подготвен сум да пристигнам во земјата каде ракометот е спорт број 1, потенцира српскиот ракометен стратег.

Како дојде до соработка со Охрид?

Бевме во контакт некое време и сакаа да ме ангажираат. На прва топка сериозно не го гледав тоа како опција, бидејќи немав доволно информации за проектот. Со текот на времето, додека се распрашував и разговарав со луѓе чие мислење го ценам, сфатив дека ова е стабилен и амбициозен клуб. Добив покана од градоначалникот Пецаков за ручек во Нови Сад. Дотогаш имав некои поинакви планови поврзани можеби со некои други земји каде би сакал да ја продолжам кариерата. Кога Градоначалникот и спортскиот директор на клубот ги споделија своите размислувања за целиот проект со мене, почувствував дека имаат голема глад за успех и решеност да направат нешто големо. Решив дека сакам да бидам дел од таква приказна. Одам да работам во земја во која ракометот е спорт број 1, каде што салите се полни, а ракометарите имаат одреден статус во лига која е квалитетна и секоја година станува се подобра и подобра, рече Ројевиќ.

Охрид моментално е четврта сила во македонскиот ракомет. Какви ќе бидат амбициите во наредните три сезони?

Идејата е да одиме чекор по чекор, да се обидеме да победуваме во дерби натпреварите со големата тројка, во првата година да станеме фактор, а притоа да видиме до каде сме, што ни недостига за да направиме нешто повеќе. Клучно е да се формира добар тим, стручен штаб, да се работи квалитетно и момците да напредуваат. Желбата е охридската сала да стане вистинска тврдина каде ќе паднат и подобрите екипи на хартија. Сите знаеме дека Еурофарм Пелистер е исклучително силен, а тоа го потврдија и натпреварите во ЕХФ Лигата на шампионите. Вардар е вистински европски ракометен бренд, двократен освојувач на Лигата на шампионите на ЕХФ и секогаш ќе биде квалитетен, додека Алкалоид е група на млади, перспективни играчи, репрезентација во мало предводена од легендарниот Кире Лазаров. Сакаме да влеземе во таа трка, но свесен сум дека е потребно време. Треба да го направиме вистинскиот баланс меѓу домашните и странските играчи, да афирмираме некои Македонци и да ги подигнеме на репрезентативно ниво. Втората сезона ја гледам како период кога треба сериозно да се вклучиме во борбата за трофеи, а во третата сезона да го донесеме првиот трофеј на витрината на клубот, подвлекува Ројевиќ.

Го освоивте ЕХФ Купот со Војводина. Какви ќе бидат амбициите на Охрид на европската сцена?

Сакаме да направиме пробив и во тој дел. Многу зависи од ждрепката, но целта секако е да поминеме неколку кола, да ја продадеме скапо кожата на некој од фаворитите за освојување на пехарот. Секако дека чудата се секогаш можни, ги посакуваме, но мора да бидеме реални и да не ги прескокнуваме чекорите коисекој клуб мора да ги помине, вели Ројевиќ.

Публиката во Охрид е една од најбројните во Македонија…

Тоа е навистина одлично. Тоа ми недостигаше во Србија, салите да бидат пополни, да ја видиме вистинската страст што ја имаат Македонците за нашиот спорт. Македонија го има тоа. Сега кога ги следам сите натпревари од Македонската лига, забележувам речиси секој тим има своја навивачка група, салите се секаде добро исполнети и многу е интересно. Во таква средина, нормално, го извлекувате максимумот од себе и од играчите истакнува новата аквизиција на ГРК Охрид.

Каков ќе биде составот на тимот во првата сезона?

Работиме на промени кои нема и не можат да бидат радикални. Ќе се промени составот, додаваме и некои луѓе во стручниот тим. За кондицијата ќе биде задолжен Андрија Њаради, млад стручњак, син на легендарниот тренер Ненад Њаради. Се договоривме да соработуваме со Предраг Вејин, Тилен Стрмљан и Николаос Лиапис. Во план се и голман и лев бек, со опција да додадеме уште едно засилување во јануари доколку сметаме дека е потребно. Ова е нешто што е рамка за првата година – јасен е Ројевиќ.

OhridNews
Фото: А. Момироска