Ракометарите на Охрид го совладаа Тиквеш во натпревар од 14-то, последно коло од плеј-офот, со што и официјално ставија точка на успешната сезона во која клубот избори пласман во евро куповите. Вечерва во салата „Билјанини извори“ ГРК Охрид – ГРК Тиквеш 29:24, полувреме 16:11.
Иако натпреварот немаше резултатско значење, двете екипи прикажаа допадлива игра, а не изостана борбата и желбата за победа. Сепак Охрид не дозволи изненадување и забележа победа над Тиквеш, кој сезонава му беше главен конкурент за 4-то место кое води во евро куповите.
Пласманот во евро куповите ракометарите на Охрид го прославија со верните „Рибари“ кои оваа сезона беа осмиот играч во четата на Стефче Алушовски.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Oјлески со 8 гола.
Статистика ГРК Охрид: Ѓорѓески, Ристевски Б., Ојлески 8, Мацуока 2, Јукиќ 4, Стоилевски 1, Дрогришки 1,, Пелидија 1, Ристески Н., Тасески, Шафранко 5, Куковски, Крстевски, Шешиќ 1, Бојаниќ 1, Цирар 5.
Пред почетокот на натпреварот, ГРК Охрид им врачи благодарници на Пелидија, Стоилевски и Шешиќ кои по завршување на сезоната ќе ја променат средината.
Охрид со 29 бода првенството го заврши на 4-то место, зад Алкалоид, Вардар и Пелистер, кои на 1 јуни ги играат натпреварите од последното коло по кои ќе се зне конечниот изглед на табелата. Вардар му гостува на Бутел, додека Е. Пелистер го пречекува Алкалоид. Битолчани се лидери со 38 бода, пред Вардар со 36, а Алкалоид е трет со 30 бода.
ГРК Охрид со победа го потврди учеството во евро куповите
Г. Момироски
Фото: А. Момироска
Видео: Ричард Калајџи/Бобан Стојаноски