Супер лигата продолжува следниот викенд со натпреварите од 11 коло во кое ГРК Охрид го пречекува Куманово. „Гладијаторите“ размислуваат само за 3 бода. Натпреварот со Алкалоид во кој Охрид претрпе минимален пораз дома е минато, мислите сега се насочени кон следниот противник.

Иако е дебитант, екипата на Куманово покажува дека може да игра квалитетен ракомет и да се носи со секој противник, но Охрид на овој меч размислува само за победа вели крилото Наум Костов.

Без разлика на несреќниот исход од натпреварот со Алкалоид, во мечот со Куманово влегуваме со ладни глави и ќе дадеме максимум да стигнеме до нова победа. Се надевам дека ќе ја повториме играта од првиот меч со Куманово и со поддршка на охридската публика ќе славиме. – порача Костов.

По 10 одиграни кола во А групата од Супер лигата, води Вардар со 30 бода пред Алкалоид со 27, Охрид е на 3 место со 18 бода, колку што има и Бутел на 4 место. Следат Струга (13), Прилеп (7), Куманово (3), Вардар Неготино (3).

Натпреварот Охрид – Куманово се игра во сабота, 19 ноември, во салата „Билјанини извори“ со почеток во 18:30 часот.

Г.М.