ГРК Охрид денеска, (сабота), гостува во Скопје на новиот суперлигаш Алкалоид, во натпревар од 3 коло од најсилната ракометна лига. Натпреварот се игра во салата „Борис Трајковски“ од 18 часот.

Пред мечот во редовите на Охрид владее добра атмосфера, а играчите свесни за предизвикот, најавуваат голема борба за нови бодови.

Не очекува многу тежок натпревар викендов против Алкалоид. Верувам дека тоа ќе биде возбудлива средба. Алкалоид е добра екипа, но ние напорно работиме и се подготвуваме за мечот. Ќе дадеме се од себе и се надеваме дека ќе успееме да запишеме нови три бода. – вели Владан Кастратовиќ од ГРК Охрид.

Охрид на овој натпревар не може да смета на повредениот Точе Ончев, но екипата доби екстра засилување на десната бековска позиција во повремениот бсански репрезентативец Дејан Шешиќ.

Дваесет и шест годишниот левак кој игра на позиција десен бек, во Охрид доаѓа од француски Анжерс. Претходно настапувал и во Словенија.

Видов дека Охрид има добра и перспективна екипа која атакува на плејофот. Тука сум на сугестија на Бојаниќ кој ми кажа убави работи за ГРК Охрид. Лигата е интересна, се игра цврст ракомет и решив да ја променам средината. – изјави новиот играч на ГРК Охрид Шешиќ.

Г.М.