Црногорецот Владо Кастратовиќ е последното засилување за ГРК Охрид за претстојната сезона, во која ремонтираната екипа влегува со високи амбиции и желба за висок пласман, а доколку се отвори можност ќе се атакува и на место во европските купови. Сепак, како што истакна на денешната прес конференција стратегот на „гладијаторите“ Горан Андоноски, треба да се оди чекор по чекор и да се таргетираат реални цели, затоа што лигата е силна, а конкуренцијата голема.
Во новиот формат на Супер лигата која следната сезона ќе ја сочинуваат 16 екипи во две групи, ГРК Охрид ќе игра заедно со шампионот Вардар, Бутел, Струга, Прилеп, Алкалоид, Куманово и Вардар Неготино. Првите четири одат во плејоф, а останатите ќе разигруваат за опстанок.
Управата секогаш има високи амбиции, но не треба да заборавиме дека во лигата играат исклучително квалитетни екипи како Вардар, Еурофарм, Бутел, сите се засилуваат. Особено нашата група е многу силна, тука се Вардар, Бутел, Алкалоид, Струга. – рече Андоноски.
Стратегот на Охрид смета дека сезоната ќе биде тешка и турболентна и дека нема потреба од притисок врз екипата пред која претстои многу работа, дотолку повеќе што си заминаа 11 играчи, а дојдоа дури седум странски засилувања кои заедно со останатите треба да се воиграат.
Треба да одиме чекор по чекор, најпрвин да се воигра екипата, затоа што има многу промени за што говори фактот што само двајца играчи од претходниот состав останаа во тимот, така што ќе биде голема борба за место во горниот дел на табелата. Се надевам дека ќе играме подобар ракомет, поатрактивен, со повеќе голови, дека ќе ја полниме салата и ќе имаме одлични натпревари уште во регуларниот дел од сезоната преку кои ќе ја вратиме атмосферата во екипата и со поддршка на публиката и нашите навивачи ќе дадеме максимум, а резултатите ќе дојдат сами по себе. Затоа не треба да има притисок ни врз мене, ни врз стручниот штаб и играчите, да работиме и да видиме како тоа ќе изгледа на терен. – додаде Андоноски.
Охрид во преодниот рок се засили со Тоше Ончев, Виктор Василевски, Хазаин Рустемов, Даниел Андоновски, Стефан Бошкоски, Зураб Цинцадзе, Владимир Бојаниќ, Никола Грубиќ, Балша Чејовиќ и Владо Кастратовиќ. Во тимот останаа капитенот Крсте Андоновски, Иван Тасески и Кристијан Димитриески. Овен на првиот тим, фокусот на клубот ќе бидат и младите категории со кои веќе се работи интензивно.
Нашиот проект е повеќегодишен, а успех може да се постигне само со работа. – посочи помошникот на Андоноски и член на УО Наум Бабачев.
Клубот ја има поддршката на градот, особено од градоначалникот Кирил Пецаков кој е поранешен играч на Охрид.
Сакам да искажам голема благодарност кон градоначалникот Пецаков како поранешен ракометар и еден од основачите на ГРК Охрид за безрезервната поддршка, од организациски и финансиски аспект. Сакаме како управа пред се да создадеме добра атмосфера во клубот и услови за работа, а резултатите ќе дојдат само по себе. – рече членот на управата Славчо Ристески.
Гладијаторите во погон влегуваат на 3 август. Осум дена ќе работат во Охрид по што следат единаесетдневни подготовки во Маврово. Формата ќе се темпира преку подготвителни натпревари кои ќе следат после 20 август.
Новата сезона почнува на 3 септември, а во првото коло ГРК Охрид му гостува на Бутел во Скопје.
Г.М.