Ракометарите на ГРК Охрид утре ја пречекуваат екипата на „Тинекс Пролет“ на домашен терен. Натпреварот е од исклучителна важност за пласманот на ГРК Охрид во Плејофот, бидејќи по победата над екипата на РК Бутел, Охрид е на делба на шестото место со РК Тинекс Пролет, последното кое води до плејофот.
Натпреварот со „Бутел“ беше доста тежок за „гладијаторите“, но со вложен максимум цели 60 минути, добија плус голови во противничката мрежа, а ако се вложи максимум во натпреварот со „Тинекс Пролет“ можен е голем успех и пласман во плејофот, смета Михајло Младеновиќ од ГРК Охрид.
Овој меч одлучува дали ќе се ппласираме во плејоф и е многу важен за нас. Се подготвуваме и тактички и физички максимално, гледаме да го намалиме бројот на технички грешки. Се трудиме и работиме максимално, за во сабота да одиграме што е можно подобро. Тој тим има доста добри бекови, и мораме да го прекинеме брзиот пренос на топката, така да ако го спречиме сето тоа можеме да направиме резултат и да го решиме наптреварот што е возможно побрзо, вели Младеновиќ.
Ракометарите ги повикаа сите во сала за поддршка на овој исклучително важен натпревар за екипата. Охриѓани во сабота сплотено ќе навиваат, а најгласни од трибините како и на сите натпревари до сега ќе бидат „Рибарите“
Публиката е препознатлив знак, посебно за нашата екипа за Охрид, а особено навививачката група „Рибари“ која што непрекинато на сите натпревари не бодрат, мислам дека публиката ќе биде наш осми играч во сабота. Ги повикувам сите во што е можно поголем број да дојдат и да не поддржат против „Пролет“ кој ни е клучен натпревар за пласман во плејофот и директен противник за истиот, рече Мартин Иваноски од ГРК Охрид.
Натпреварот во рамки на 20-ти коло во Супер лигата ќе се одигра утревечер со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Билјанини Извори“, а влезот е слободен.
K.A.