Ракометарите на Охрид попладнево со салата „Билјанини извори“, го совладаа Тинекс Пролет 27:23, во натпреварот за трето место на Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, што оваа година се одржува по прв пат.

Во интересен и неизвесен меч исполнет со пресврти и голема борба и одлични голмански одбрани, нијансите превагнаа на страната на Охрид чии играчи со играта во вториот дел заслужено ја извојуваа победата.

Првиот дел им припадна на скопјани кои на полувреме заминаа со минимална предност (13:14). Во вториот дел Охрид заигра поцврсто во одбраната и поразноврсно во нападот. Се играше изедначено се до последните десет минути кога Охрид оствари мала но значителна предност најпрвин од 2, 3 па и 4 разлика во 57 минута, за што голема заслуга имаа и голманите Василевски со 6 и Цинцадзе кој имаше 11 одбрани. На три минути пред крајот Тинекс Пролет промаши и пенал, по што охриѓани рутински го довршија натпреварот за конечни 27:23.

Најефикасен на мечот беше Владимир Бојаниќ од ГРК Охрид со 8 погодоци, еден помалку кај Тинекс Пролет даде Томислав Јагориновски.

Турнирот завршува вечерва со натпреварот за првото место помеѓу Партизан од Белград и Тиквеш од Кавадарци. Средбата се игра од 20 часот.

И овој натпревар ќе може да го проследите во живо на нашиот портал и на фан страната на OhridNews на Фејсбук.

Г. Момироски