Ракометарите на Охрид попладнево на реваншот во Романија се поразени од Потаиса Турда со 39:29, полувреме 17:14. Во првиот натпревар одигран пред седум дена Охрид на домашен терен славеше 31:25 што се покажа недоволно за пласман во 3-то коло од ЕХФ Европскиот Куп каде ќе игра романскиот претставник.
Гладијаторите во првото полувреме беа целосно во игра до самиот финиш. Се играше израмнето, а резултатот на семафорот во најголем дел беше егал. Во финишот на првиот дел домаќинот се одлепи на 17:14.
Во вториот дел Турда со два гола го зголеми водството. Наскоро домаќинот стигна до посакуваните +7, а во 48 минута Турда имаше +10. Охрид се обиде да се врати во игра но безуспешно.
Нерешлива енигма за одбраната на Охрид беше Кристијан Гита кој постигна 15 гола. Орјоникидзе и Ојлески кај Охрид искомбинираа 10 гола, по пет двајцата, Јотиќ уфрли 4. Тројцата голмани на Охрид имаа 11 интервенции, Чаневски 8, Ристевски 2 и Ѓорѓески 1. Нивните колеги на спротивната страна исто така имаа 11 успешни интервенции.
Статистика ГРК Охрид: Чаневски (8 одбрани), Ѓорѓески (1 одбрана), Ристевски (2 одбрани), Ојлески 5, Мацуока , Јукиќ 1, Шипинкоски, Бура 3, Тасески 3, Шафранко 3, Јотиќ 4, Крстевски, Пешиќ 2, Кукуловски, Орјоникидзе 5, Бојаниќ, Цирар 2.
По елиминацијата од Европа Охрид се враќа на домашните обврски каде го чекаат тешки дуели со водечките екипи на табелата, Вардар и Алкалоид кој со победа во Литванија над Клаипеда се пласира во понатамошните натпревари во ЕХФ купот.
Г.М.
Фото: А. Момироска