Во рамки на четвртфиналниот натпревар од групата 1 на Купот на Македонија ГРК Охрид денеска во Скопје ќе ги одмери силите со екипата на Вардар.
Во сабота не очекува натпревар од купот против актуелниот македонски шампион Вардар и тоа на гостински терен. Вардар е голем фаворит, но ако ја повториме играта од последниот натпревар кој го игравме со Вардар на домашен терен се надевам дека и ние ќе имаме свои шанси и дека достојно ќе се претставиме. – изјави претходно крилото на ГРК Охрид Крсте Андоновски.
„Гладијаторите“ со полн интензитет се подготвуваа за натпреварите, aтмосферата во екипата како што потенцираа била одлична, a во погон се и сите играчи со исклучок на Даниел Андоновски и Абдерахим Боудрали, кои се уште се опоравуваат од повредите.
Не одиме со бело знаме во Скопје на мечот со Вардар. Ќе дадеме се од себе на натпреварот со тешкиот противник, кој ќе го искористиме и за подигање на формата за исклучително значајните мечеви од плејофот кои ни следат. – изјави шефот на стручниот штаб Горан Андоновски.
Натпреварот помеѓу ГРК Охрид и Вардар се игра денес во Скопје од 17 часот. Победникот од натпреварот Вардар – Охрид, ќе вкрсти со подобриот од дуелот РК Јуниор КВ и РК Скопје.
OhridNews