Голема победа на Охрид на жешкото гостување во Кавадарци против директниот конкурент во борбата за Европа. Попладнево во салата „Јасмин“, во 7 коло од плеј-офот Тиквеш – Охрид 22:25, полувреме 12:13.

Со оваа победа Охрид направи голем чекор кон зацртаната цел пред почетокот на првенството, да обезбеди пласман во европските купови.

Натпреварот беше тврд, жесток, на моменти и груб. Се играше цврсто во одбраната, тактички од двете страни. Но Охрид одигра поквалитетно во двата правци и имаше повеќе решенија во нападот во клучните моменти, што на четата на Алушовски и донесе вредна победа. На почетокот се играше израмнето, а првото поосетно водство „гладијаторите го направија во 10 минута (5:8). На средина од првиот дел Охрид имаше и +4 (7:11) но Тиквеш со мини серија се врати во игра. Сепак на полувреме гостите заминаа со минимална предност 12:13.

На стартот од вториот дел Тиквеш најпрвин израмни, а потоа и го презеде водството. Во 40 минута домаќинот водеше 18:16, но тоа беше се од кавадарчани. Бобан Ристовски во моментите кога се одлучуваше мечот беше извонреден на голот, врза неколку важни одбрани, а Охрид со серија од 3:0 го врати водството и до крајот не го испушти за радост на „Рибари“ кои беа осмиот играч на „гладијаторите“ во салата „Јасмин“.

Најефикасен кај Охрид беше Цирар со 7 гола, Ојлески постигна 5.

Статистика ГРК Охрид: Ѓорѓески, Ристевски, Бојаниќ 2, Јукиќ 2, Стоилевски, Ојлески 5, Орјоникидзе 4, Куковски, Крстевски, Дрогришки, Пелидија, Цирар 7, Тасески 1, Мацуока 1, Шафранко 2, Шешиќ 1.

Со оваа победа Охрид го прескокна Алкалоид (15) кој денеска загуби од Е. Пелистер, и се врати на 3 позиција со 17 бода. Води Пелистер со 23 бода, Вардар е втор со 18.

Во следното коло што почнува веќе в среда, Охрид го пречекува Бутел.

Г. Момироски