ГРК Охрид очекува победа на претстојниот натпревар со разнишаниот Металург, што ќе се одигра викендов во рамки на 8-то коло од Супер лигата. Без оглед на се што му се случи оваа сезона, на РК Металург се уште има квалитетна екипа и мора да го одиграме натпреварот со 100 проценти, вели Стефан Додиќ од ГРК Охрид, поранешен ракометар на РК Металург. Според Додиќ, најсилниот адут на ГРК Охрид е брзата игра која би требало да го одлучи мечот.
Имаме голема клупа и доста измени, така да сигурно можеме да трчаме 60 минути, вели Додиќ.
Српскиот репрезентативец не го криеше задоволството од расположението во екипата на ГРК Охрид.
Не очекував дека ќе има ваква атмосфера во екипата, презадоволен сум и од условите во целост. Мислам дека она што го одигравме со РК Бутел не е вистинскиот Охрид. Во вистинско светло се прикажавме на натпреварите против Еурофарм и Вардар. Се надевам дека ќе има се подобри натпревари, за нас сезоната само што почна и се надевам ќе докажеме дека сме екипа која заслужува трето место вели Додиќ.
Натпреварот помеѓу ГРК Охрид и РК Металург ќе се одигра утре (сабота) во СРЦ Билјанини Извори со почеток од 18 часот. Согласно мерките и протоколите за заштита од Ковид-19 дозволено е до 50 отсто исполнетост од вкупниот капацитет на салата, а навивачката група „Рибари“ од трибините е осмиот играч на теренот на натпреварите на ГРК Охрид.
Во Металург немавме свои навивачи, немав почувствувано ваква атмсофера, навистина ни се „ветер во грб“ и ни претставува чест да играме пред „Рибари“, вели Додиќ.
Српскиот репрезентативец од РК Металург направи трансфер во ГРК Охрид, каде му се придружи на тренерот Раде Стојковиќ, со кого соработуваа и претходно. Додиќ, минатата година дебитираше за сениорската репрезентација на Србија и важи за голем ракометен талент.
OhridNews