Охрид немал понезгоден ривал последните години од Пролет. Ниту оваа сезона во ракометната Супер лига не е исклучок. “Ѕвездите” сакаа токму овие противници да го одлучуваат последниот патник во плејофот и тоа во директен дуел.

Во клучниот меч од регуларниот дел од сезоната “гладијаторите” во салата “Билјанини Извори”, во тежок, крајно неизвесен и драматичен натпревар го совладаа Пролет 23:20, полувреме 10:10.

А се почна тешко. Скопјани во еден момент од првото полувреме имаа +4, но Охрид фати ритам и ја врати неизвесноста за егал  пред одморот.

Домаќините кои играа под огромен притисок, лошо го отворија второто полувреме. Пролет го презеде водството и се до средината на вториот дел имаше константна предност од +2.

Се чинеше оти Охрид е во неволја, но тогаш на сцена стапија “Рибари” кои ја кренаа на нозе исполнетата сала. Енергијата од трибините ги крена домашните ракометари кои буквално “изгинаа” на теренот и во фуриозен финиш го презедоа водството и ја извојуваа толку посакуваната победа.

Беше жестоко, на моменти и тензично, за што говорат и двата црвени картони за Николов кај Охрид и Балески кај Пролет.

Сепак крајот на мечот актерите го дочекаа со спортски поздрав, а домашните ракометари победата ја прославија со верните навивачи.

Со оваа победа Охрид на 2 кола до крај се одлепи на 3 бода од Пролет на 6то место кое води во плејофот, а има и подобра гол разлика од директниот конкурент за разигрувањето.

Г.М.

Фото: А. Момироскиа

ФОТО ГАЛЕРИЈА