Во периодот на бременост во телото на жената се случуваат бројни хормонски, анатаомски, биохемиски и хистолошки промени кои го подготвуваат организмот за бременоста и породувањето. Хормоналните промени и зголеменото ниво на хормони можат да претставуваат причинители за зголемен ризик за развој на разни заболувања во усната шуплина. Многу бремени жени забележуваат промена на непцата во устата кои можат да се зацрвенати, отечени или да крварат. Хормоните ја зголемуваат осетливоста на гингивата од велијанието на бактериите, што предизвикува појава на воспалителни процеси. Оваа појава уште е позната како труднички гингивитис и може да се сретне дури кај 50% до 70% од трудниците во некој период од бременоста. Елементарни симптоми кои ни укажуваат на воспалителен процес на гингивата се :
–    Изразено црвени  непцата
–    Појава на крварење од непцата, особено при некоја помала траума  (на пр. четкање на забите, гризење потврда храна )
–    Отечени непца
–    Појава на цисти и сл.

Овие симптоми најчесто се појавуваат околу третиот месец и може да предизвикуваат непријатност до осмиот месец од бременоста. Трудничниот гингивитис лесно се лечи со редовна орална хигиена, па затоа е препорачливо трудницата да води редовна и професионално контролирана грижа за своето орално здравје уште на самиот почеток од бременоста.                                  

Понекогаш за време  на бременоста може да дојде и до појава на т.н. труднички гранулом (Pyogenic Granuloma) уште познат како пиогеничен гранулом. Најчесто се појавува на места каде веќе има развиен гингивитис, а може да се јави кај 2%-10% од трудниците. Обично не е поголем од два сантиметри, може да јави крварење при помала траума, а за негово отстранување е препорачливо да се почека по породувањето, кога е очекувано и самиот природно да се намали. Сам по себе не е опасен, само предизвикува нелагодност. Крварењето на непцата може да предизвика отежнато и болно одржување на оралната хигиена, што може да резултира со наталожување на наслаги кои уште повеќе ќе го зголемат воспалителниот процес и можат да предизвикаат појава на кариес.                                    

Мачнините кои се честа појава во првото тромесечие од бременоста предизвикуваат пормена на киселоста во устата која штетно влијае на глеќта на забите. Таа ја омекнува глеќта и предизвикува микро оштетувања кои претставуваат потенцијален проблем, особено кај трудниците со поизразена појава на утрински мачнини. Затоа е препорачливо секоја трудница да го посети својот стоматолог во првото тромесечие од бременоста, како навремено би ја направила евентуално неопходната интервенција, а воедно ќе има можност да добие совети и информации за правилно одржување на оралното здравје во бременоста.

Многу трудници можат да се пожалат и на чувство на сува уста. Оваа  непријатност може да се надмине со земање поголемо количество на вода или гуми за џвакање без шеќер кои ќе го стимулираат лачењето на плунка и ќе помогнат во одржување на влажноста на устата. Спротивно на ова, иако забележано како поретка појава е претераното лачење на плунка. Оваа појава се јавува во најраниот стадиум на бременост и е карактеристична обично само за првото тромесечие, а често се поврзува со појавата на мачнини кај трудница.

За време на бременоста можат да се изведуваат повеќето интервенции, единствено не е препорачливо да се прави РТГ снимање и реконструктивни и хируршки зафати. Денешните современи РТГ апарати се далеку пософистицирани и побезбедни од  претходните, но голем број стоматолози избегнуваат зрачење, освен во случаи каде е тоа неопходно и не може да се чека да се интервенира по породувањето.              

Примањето на лекови исто така не се препорачува, особено не во првото тромесечие од бременоста. Доколку е неопходно да се прима некоја терапија, таа треба да се зема исклучиво само со одобрување од Вашиот стоматолог и гинеколог. Одговорната грижа за оралното здравје во голема мера влијае за заштита на целиот организам, не само на мајката туку и на плодот. Најважно е трудницата да води уреден и здрав живот, да конзумира здрава и разновидна храна, да избегнува земање на лекови и алкохол за време на бременоста, да се се заштити од вирусни инфекции, да не се изложува на физички и психички стрес и да обавува редовни стоматолошки контроли. Доколку не сте биле во состојба да го посетите Вашиот стоматолог пред забременувањето, односно за време на планирањето на бременоста, потрудете се да започнете со радовните контроли уште од самиот почеток на бременоста. Така ќе добиете повеќе информации како да се заштитите од потенцијалните орални инфекции и нивните штетни ефекти врз бременоста и плодот. Се препорачува и земање на 1 мг флуор таблетки од четвртиот месец на бременоста. Вака внесениот флуор ќе ги направи забите во развој појаки и поотпорни на кариес.                                                    

Оралната хигиена за време на бременоста опфаќа цела низа совети и препораки кои можат да им се дадат на трудниците за тие што помирно да го поминат периодот на бременоста и да немаат поголеми тегоби.

Елементарни совети и препораки за грижа за оралното здравје се:
-Мијте ги забите најмалку два пати дндвно со паста која содржи флуор;
-Во случај на крварење на непцата, користете помека четка и одржувајте редовна орална хигиена;
-Доколку четкањето Ви предизвикува нагон за повраќање, користете четкичка со помала глава, не ја отварајте силно широко устата за време на четкањето, пробајте да се сконцентрирате на дишењето и фокусирајте го вниманието на нешто друго;
-Не ги мијте забите веднаш после мачнината, бидејќи четкичката и киселината можат да ја оштетат глеќта на забите. Можете веднаш да ја исплакнете устата со  вода, а забите измијте ги после еден час;
-Плакнете ја устата со вода за плакнење која содржи флуор;
-Користете конец за заби кој ќе Ви помогне да ги исчистите потешко достапните места;
-Четкичката за заби менувајте ја на секои два до три месеци;
-Задолжително откажете се од пушењето. Оваа лоша навика не само што влијае лошо на непцата, туку влијае штетно и врз плодот;
-Избегнувајте да јадете слатки работи (рафинирани јаглехидрати), посебно оние кои се лепат за забите. А  доколку веќе ги конзумирате гледајте тоа да е во умерени количини и веднаш потоа измијте ги забите;
-Хранете се здраво и урамнотежено. Конзумирајте храна богата со протеини, калциум и витамини А, Ц и Д
-Не користете алкохол, дрога и други штетни супстанции кои не само во бременоста, туку и генерално му штетат на Вашето здравје.

Грижата за оралното здравје треба да продолжи и по породувањето. Мајката која го дои своието дете треба многу да внимава на исхраната. Мајчиното млеко е незаменлива храна за доенчето, бидејќи е полно со имуноглубини кои го штитат од инфекции, а преку доењето бебето ги активира сите мускули на лицето и така придонесува за правилен развој на вилицата. Своите здрави навики и грижата за оралното здравје мајката треба да му ги пренесе и на своето дете. Грижата за оралното здравје започнува со појавата на првото запче и таа навика треба да се негува низ целиот живот. Затоа соработката на родителите со стоматологот и нивата желба и  заложба да ја развијат свеста и културата за одржување на оралната хигиена кај своето дете е од исклучително значење за квалитетот на оралното здравје кај детето.

                                                                                               

                                                      Д-р Сашо Стоев
                                                                   Стоматолошка Ординација „Д-р Сашо Стоев“