Според информациите што ги добивме во Заводот за здравствена заштита – Охрид, бројот на заболени од грип во нашиот град не е зголемен. Се очекува тој број полека и да се намалува. Главна опасност за проширување на грипот беше почетокот на второто полугодие во училиштата. Сепак, времето полека почна да „личи“на зима, па ниските температури не му овозможија на вирусот да се шири.
„Ситуацијата со грипот е стабилна. Ако температурите останат ниски и во наредниот период, нема да има опасност од ширење на болеста“ – вели Д-р Јованка Стурлакова од епидемиолошкиот оддел при Заводот.
„Апелирам за друго. Од пред две години вакцината против Хепатитис Б (жолтица) е вклучена во календарот на задолжителна имунизација (посебно кај децата како најосетлива категорија), па затоа ги повикуваме сите родители да ги доведат своите деца на вакцинација. За опасноста од оваа болест малку се знае, но мислам дека доволно ќе биде ако кажам дека вирусниот Хепатитис Б ДНЕВНО убива повеќе луѓе во светот отколку СИДА – та во тек на една година“
Од светската популација моментално со вирусот се инфицирани меѓу 3 и 6 проценти. Се пренесува преку размена на телесни флуиди (течности). При сексуален контакт, трансфузија на крв, многукратно користење употребувани игли, вертикално пренесување (мајка – дете) и др.
Вакцината против Хепатит Б (engerix B) се прима во три етапи и има (условно земено) доживотен ефект. При вакцинирање во рок од 12 часа после раѓање, ризикот на здобивање вирус се намалува за 95 проценти.
С. Костоски