Невобичаено топлото време и релативно високите температури за овој период од годината, погодуваат не само за прошетки, туку и за ширење болести. Посебно внимание треба да се обрати на вирусот од тип А или грипот. Во Заводот за здравствена заштита – Охрид разговараме со докторката Јованка Стурлакова – Коровешоска, специјалист епидемиолог:

– Точно е дека високите температури овозможуваат развој и ширење вирусни заболувања. И мислам дека за скоро време ќе се зголеми бројот на болни од грип бидејќи сме во сред празници, луѓето се собираат во поголем број на едно место и тоа погодува на ширењето вируси. Нашата установа е задолжена да прима извештаи од ординациите за бројот на болни, досега немаме добиено, но во личен контакт со некои од докторите знам дека грип има. Среќа е што учениците се на зимски одмор, бидејќи таа категорија заедно со постарите лица и луѓето со кардио-васкуларни проблеми се најосетливи на грипот.

Д-р Стурлакова не информира дека во акцијата за вакцинација против грип, во ноември минатата година, вакцина примиле околу 1.100 граѓани на Охрид и околината, претежно постари лица. Вакцината е прилично ефективна и „трае“ една година.


Децата се посебно „атрактивни“ за грипот

Докторите препорачуваат превентива, односно помалку конзумирање „тешка“ храна, повеќе витамини, потоа редовно проветрување на просториите и колку е можно избегнување контакт со заболени лица. Симптомите на грип се: општа малаксаност и тежина која се чувствува, болки во мускулите, покачена температура.


С.Костоски