Ако сте пораснале во Охрид, тогаш постои можност првата недела од Февруари да ја паметите по разнородни настани поврзани со прославата на делото на Григор Прличев, од кои мноштвото претпоставувам ви биле здодевни додека сте биле деца. Јас се сеќавам на задачата да се научи наизуст словенската антитеза од почетокот на Сердарот; задача која иако беше придружена со вообичаената одбивност која кај децата се развива кон зададената домашна работа (барем таков беше случајот со мене) сепак од неа останува по некој одглас од стиховите: „Пискотници..Галичник..Река..“, „и мажите, и жените“, „Кузман падна..Гега“ кој нема да го заборавам никогаш.

Главно во тоа би се состоело моето доживување на Прличев, и покрај бројните причини тоа да не е така, доколку пред извесно време еден пријател, од оние скапите, не ми препорачаше повторно да ја отворам Автобиографијата. Не погрешив што го послушав – уште на првите три страници открив до болка едноставно сведоштво за кревката детска свест на Прличев. Некој позанесен би рекол: материјал за тоа како се станува поет..

Автобиографијата ја отвора со мислата дека секој не може да знае чие семе е затоа што претставува дрскост човек да се уверува дека е рожба на едикогоси (речиси директен цитат, ако сакате проверете и сами). Тоа е на првата страна. На втората страна е опишана целосната замаеност на четиригодишниот Прличев со природата на читањето: Како може грчките букви вита и алфа кои сами по себе се зборови, кога ќе се напишат една до друга да се рамни на еден слог – ва?

Смелоста во неговиот израз на овие први две страни, во недостиг од посоодветен израз, ме изненади. Тој дури подоцна во книгата за себе ќе рече дека е „..за преправање и ласкање неспособен, навикнат да говори отворено, остро, непријатно..“.

Непроценливото сведоштво е на третата страна.

Малиот Григор Прличев имал обичај да стои пред свеќникот кој го користеле за осветлување и да гледа во својата сенка фрлена врз спротивниот ѕид. Ова не им се допаѓало на неговиот дедо и на неговата мајка, па тие почнале да му се закануваат со желка која ќе го јавне во сонот за да го дави, ако не престане со својата навика. Навечер откако дедо му ќе прочитал молитви на грчки, пред да легне го земал во раце Григор најавувајќи му ја посетата на желката и во леглото заедно се покривале преку глава. Тогаш мајка му почнувала да му ги натиска главата, нозете и плеќите, а тој се обливал со студена пот преплашен од желката.

Влијанието на овој настан било непоправливо: „Узнавав дека дедо се смееше, но јас не се смеев. „Како ќе се живеј?“ – си мислев јас, и таа мисла остана царица на сите моите мисли. Бев принуден да ги оставам настрана оптичките појави на мојата сенка; но видно беше дека здравјето ми се повреди. По природа нервик, тогаш станав пораздразлив Ши конечниот восклик на душевно измачениот Прличев – А.М.Ќ: „Чуму ми е живот кога имало желки мачителки? Еда малку ли ни се; другите маки?“

Александар Мицески

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се ставови и видувања на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за содржината во нив.