Очекуваме Македонија, да покаже желба, како и до сега, да направи промените и да ги примени 19-те препораки што ги доби во четвртиот круг за борба против корупцијата, истакна претседателот на ГРЕКО и судија во врховниот суд во Хрватска Марин Мрчела, на конференцијата на тема „Борба против корупцијата: Најдобри практики во борбата против корупцијата во јавниот сектор“ што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Македонија и Бирото за меѓународна борба против наркотици.

Тој истакна дека во секоја држава има корупција и врз основа на тоа Македонија не е исклучок.

– Се работи на тоа да се спречи корупцијата да се открие и да се процесуира. Процесуирањето може да биде спроведливо единствено ако го прават независни тужители и судат независни и непристрасни судии без влијание на политика. Врз основа на тоа политиката не смее да се меша ниту во работата на судството ниту во работата на правосудството, а тоа е и сржта на препораките што ги издаде ГРЕКО не само во Македонија, туку и во сите држави.- изјави Мрчела.

Според него за борба против корупцијата потребно е да се создаде антикорупциска клима, но и политичка волја.

– Тоа значи дека политичарите мора да бидат подготвени дека сите пред законот се еднакви вклучувајќи ги и самите нив и дека не смеат да стојат на патот на тужителите и полицијата во откривање и пресудување. Политичката волја е најдобро да се изрази со зборови, а потоа со мирување. – додаде Мрчела.

Во врска со забелешките за политички монтирани и политички мотивирани постапки, Мрчела посочи дека тоа се искуства од сите држави.

– Секогаш кога предмет е за високо позициониран политичар, судија или тужител тогаш се приговара дека тоа е политички мотивиран процес. Но тоа не треба да ги спречи институциите независно од тужителот и судијата да си ја работат својата работа при што не смеат да се заборават човековите права. Бидејќи секој обвинет, па и оној за висока корупција мора да има ист третман пред законот со почитување на човековите права од европската конвеција за заштита на тие права. –  подвлече Мрчела.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска вели дека Македонија има успешно процесуирани случаи на висока корупција. Според неа македонското правосудство, можеби треба поагресивно да ги презентира своите позитивни искуства во своето работење.

– Сите меѓународни извештаи посочуваат на потребата да ги подобриме комуникациските стратегии со јавноста со граѓанскиот сектор, кој треба да биде вклучен во борбата против корупцијата. Да ни бидат активни сојузници во овој процес во борба против корупцијата. – истакна Арнаудовска.

Таа посочи на неодамна објавениот извештај на Меѓународниот центар за соработка за корупција во македонското правосудство во кој било истакнато дека 74 отсто од испитаниците не веруваат во македонското правосудство, но во поглед на искуствената перцепција само 9 отсто одговориле дека давале некој вид поткуп на судии и обвинители во вид на подароци, услуги или пари.

Огромна е разликата меѓу перцепцијата и искуствената корупција. – додаде Арнаудовска.

Таа истакна дека за корупција може да се говори само врз основа на завршени правосилни судски случаи, а се друго претставува шпекулација бидејќи судиите и обвинителите не се недопирливи.

На дводневната конференција за борба против корупцијата во јавниот сектор што се одржува во Охрид присуствуваат судии, јавни обвинители, адвокати, претставници на релевантни институции, како и меѓународни експерти.

OhridNews