Во време на славење на Божиќ се актуелизира празнувањето на верските празници според два различни календари: Јулијанскиот и Грегоријанскиот. Јулијанскиот календар е постар, но  некои негови недоследности довеле до потребата од негово реформирање.

Една од главните причини кои довеле до реформа на Јулијанскиот календар било славењето на верскиот празник Велигден. Велигден е еден од најголемите христијански празници, кога се празнува воскреснувањето на Исус Христос. Одредени држави (Македонија, Србија, Црна Гора, Русија, Украина) и денес Велигден го слават според стариот Јулијански календар, додека останатите христијански држави, Велигден го празнуваат по новиот Грегоријански календар.


Декретот со кој во 1582 година е извршена реформа на календарот

На првиот Вселенски собир во Никеја во 325 година од оваа ера, на кој учествувал и верски преставник од градот Стобијас или денешно Стоби, решено e Велигден секогаш да се прославува после пролетната рамноденица и еврејскиот празник Пасха (Paschal), и тоа во првата недела по полната Месечина.

Меѓутоа, Јулијанската година оди понапред (речиси еден ден на секои 128 години) во однос на тропската година, па поради тоа доаѓа до појава на вишок денови. Така, според овој календар, во 1582 година Велигден требало да се прославува на 11 март, што не било во согласност со црковниот закон.


Папата Грегориус XIII

За таа цел Римскиот папа Грегориус (Gregorius XIII, вистинското име му е Ugo Buoncampagno, 1502 – 1585) на 24 февруари таа година, донесува декрет познат под името Inter Gravissimas, што на латински значи „меѓу најважното“. Реформатори на календарот се всушност германскиот астроном и свештеник Christopher Clavius (вистинското име му е Chrisopher Schiussel, што во превод значи „клуч“, 1538 – 1612) и италијанскиот астроном и физичар Aloysius Lilius (вистинското име му е Luigi Lilio Ghiraldi).


Реформаторите на Јулијанскиот календар – Клавиус и Лилиус

Реформите на новиот календар се состоеле во тоа што прво биле исфрлени 10 дена, така што по тој четврток, 4 октомври, следниот ден станал петок 15 октомври, наместо петок, 5 октомври. Оваа одредба донела голема забуна и побуна кај населението, кое сметало дека им се украдени 10 дена од животот. Вториот декрет се состоел во тоа што секоја четврта година, како и секоја секуларна година (година од новиот век во која третата и четвртата бројка се две нули) која е делива со 400 без остаток, биле прогласени за престапни години. Така на пример: 1600 година е престапна година, затоа што е делива со 400 без остаток, но 1700, 1800, 1900 не се престапни затоа што кога се делат со 400 има остаток. Според Грегоријанскиот календар и 2100 година нема да биде престапна (делива е со остаток), па така разликата помеѓу Грегоријанскиот и Јулијанскиот календар тогаш ќе се зголеми на 14 дена.

Значи, сегашната разлика помеѓу двата календари изнесува 13 дена, кои се добиени од 10-те одземени дена (во 1582 година) и трите секуларни години (1700, 1800 и 1900) кои не биле престапни според Грегоријанскиот календар (во Јулијанскиот календар овие години се престапни).

Реформите на новиот календар донеле уште неколку одредби и тоа: денот кој се јавува како одвишок во престапните години се поместува по 28 февруари (29 февруари); новата година започнува на 1 јануари; Велигден се прославува по новиот Грегоријански календар.

Први држави кои го прифатиле овој календар биле Италија, Шпанија, Португалија и Полска. Тие почнале да го употребуваат календарот веднаш по реформата во 1582 година. На просторот на Македонија Грегоријанскиот календар се користи од 23 јануари 1919 година.

Јасминка Т. Момироска