Искрено жалам за инцидентот што се случи изминатиот викенд во кој девојче е нападнато од бездомно куче, но овој немил настан можеби нема да се случеше доколку претходната локалната самоуправа предводена од градоначалникот на ВМРО ДПМНЕ Никола Бакрачески направеше нешто за решавање на овој наследен проблем кој со години никој не го решава, вели директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски.
Денеска сме сведоци на обвинувања на една политичка партија која до пред 18 месци го водеше ЈП Охридски комуналец и локалната самоуправа, чиј што придонес во решавањето на овој проблем е еднаков на нула. За разлика од таа политичка партија, ние како локална самоуправа, предводена најпрвин од градоначалникот Јован Стојаноски, а сега од в.д. градоначалникот Константин Георгиески, започнавме со формирање на шинтерска служба, за што обезбедени се две возила „пикап“ и вработен е шинтер. Преку донација на приватната фирма „Еко Шпар, морам да напоменам во два наврати, бидејќи првиот пат имавме кражба на кафезите, обезбедени се кафези за бездомните кучиња. Во текот на минатата недела ограден е простор за дневен престој на кучињата, а во текот на вчерашниот ден завршена е тендерската постапка за избор на ветернинарни услуги. Стигнати се две понуди, во текот на денешниот ден се разгледува документацијата и доколку ги исполнуваат условите според наведената спецификација се закажува електронско наддавање. По изборот на ветеринар јавното претпријатие ќе започне со заловување на бездомните кучиња и понатамошен третман. – изјави Грданоски.
Директорот на јавното комунално претпријатие напоменува дека законските норми предвидуваат заловување, стерилизација или кастрирање на бездомните кучиња и нивно враќање на местото каде биле заловени.
Тоа значи дека законското решение е на долг рок. Граѓаните да не очекуваат дека ќе нема кучиња на улиците и дека овој проблем ќе биде решен брзо. – додава Грданоски.
Грданоски информира дека е зголемен бројот на бездомни кучиња во Охрид, како по природен пат, така и поради носење на кучиња во Охрид од други општини. Тој ги повика надлежните институции малку да се позанимаваат со овој проблем бидејќи јавното претпријатие нема законска можност да делува.
OhridNews