Преземајќи конкретни чекори и мерки, континуираната работа за подобрување на ефикасноста во работењето, поставувањето приоритети во дејноста, акумулирањето огромна креативна  eнергија, активната вклученост и постојаната посветеност на сите чинители во работењето, обезбедувањето висок квалитет на јавните услуги, почитувањето на правата и законите во процесот на креирање политики и донесувањето одлуки, во оваа измината година, донесе позитивни резултати за јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, рече на денешната прес конференција директорот на претпријатието, Љупчо Грданоски давајќи отчет пред јавноста за сработеното во изминатата година.

И покрај тешкиот почеток и наследените долгови, „Охридски Комуналец“ издвои средства за инвестиции во вредност од 8.449.574,00 денари за основни средства, компјутерска опрема и специјални возила и алати и тоа: набавени се две специјални возила од 22 м3 за собирање на комунален отпад; возило ман-кипер ; набавен е мулчер со кој во голема мера е олеснато косењето и одржувањето на големи зелени површини; набавена е професионална машина за миење на возилата и обезбеден соодветен простор. – рече Грданоски.

Грданоски инфорира дека  се обезбедени сите неопходни услови и средства за третирање на бездомните кучиња. Набавена е опрема за заловување, а во соработка со компанијата „ЕкоШпар“ изготвени се 5 големи кафези за заловените кучиња со кои ќе се зголеми постоечкиот капацитет на стационарот, а набавени се и две возила за заловување кои ќе функционираат во рамките на стационарот за кучиња, лоциран во месноста Мауцкер.

Директорот на „Охридски комуналец“ нагласи дека се набавени и поставени садови за депонирање на отпад и нови корпи на повеќе фреквентни места во градот. Во соработка со локалната самоуправа поставени се 5 јавни тоалети на две локации, а извршено е и мапирање на градот за поставување на 15 нови подземни контејнери и 10 прес контејнери.

Во реализираните активности се вбројуваат и санацијата на пристапниот пат во депонија „Буково“, извршено е расчистување на речните корита, реализирани се акции за подигање кабаст и зелен отпад, воведена е трета смена за празнење на корпите за ситен отпад во централното градско подрачје.

Во поглед на финансиското работење, Грданоски нагласи дека во последната година кај сите приходи евидентиран е позитивен финансиски резултат и подобрување на материјалната основа.

Намалена е задолженоста на претпријатието преку континуирано, редовно и навреме но подмирување на долговите спрема добавувачите, долговите по основ на кредити, затезни камати и судски решенија. Главниот  долг кон А.Д.„Охридска банка„ е намален за 2.731.772 ,00 денари , а по основ на камата по кредитот исплатени се 155.133,00 денари. На име казнена камата спрема добавувачи од минати години исплатени се 1.998.428,00 денари. Врз основа на склучени вонсудски спогодби за стари долгови по извршни решенија и пресуди исплатени се 5.368.981,00 денари , а врз основа на спогодбите намалено е плаќањето камата во износ од 604.610,00 денари. Континуирано се врши навремено подмирување на сите доспеани обврски. Во изминатава година се интензивира процесот на отужување на ненаплатени побарување за физички и правни лица по основ на услугата собирање, транспорт и депонирање комунален отпад и тоа поднесени се 1.641 тужби за физички лица и 313 тужби за правни лица или вкупно 1.954 тужби. Ефектот на овој сложен процес е веќе видлив. Во првите 10 месеци од 2018 год. бележиме  зголемување на наплатата по основ услугата собирање, транспорт и депонирање комунален отпад за физички лица за 12% , а кај правните лица за 15%. Притоа овие приходи имаат најголемо учество во вкупните приходи на претпријатието и тоа 48% од наплата на физички лица и 26% од правни лица. Од вкупните расходи 63% се наменети за исплата на плата и 18% суровини и горива. Воспоставен е социјален дијалог со Синдикатот и после 4-годишна пауза на вработените им е исплатен регрес за годишен одмор. Прекината е досегашната пракса кога во зимскиот период на вработените им се делеа решенија за принуден одмор, а со тоа намалени нивните редовни примања. – истакна Грданоски.

Тој потсети и на бројните еко акции, засадените нови садници цвеќе и дрва на повеќе локации, новите холтикултурни содржини, а информира дека е донесена одлука за имплементација на проект „Одржливо управување и третман на био-отпад со користење на методи за производство на биогориво“.

OhridNews