Според одлуката на грчката влада, банките во Грција ќе бидат затворени шест работни дена, се воведуваат ограничувања за подигнување на пари од банкомати, а атинската берза денеска ќе биде затворена.
Банките во Грција ќе бидат затворени до 6 јули, а повлекувањето на средства од банкомати ќе биде ограничено, порача денес грчката влада, откако донесе одлука за контрола на капиталот.Овие мерки се преземени за да се сопре одливот на пари од грчките банки и да се поттикнат доверителите на отстапки пред истекнувањето на програмата на странска помош на 30 јуни.
Според новите владини мерки, плаќањето со дебитни и кредитни картички, како и онлајн транскации ќе бидат дозволени само внатре во Грција, но забранети се плаќања и трансакции на странски сметки. Сите останати трансакции нема да бидат дозволени, се додека специјалниот одбор не ги одобри оние трансакции за кои смета дека се потребни за заштита на јавните и општествени интереси, вклучително здравствените трошоци или увозот на фармацевтски производи.
Исплатата на пензии ќе биде дозволена, а дозволено е и подигнување на пари од банкомати со картички на странски банки.
Откако пропаднаа преговорите со кредиторите Грција распиша референдум за 5 јули на кој граѓаните би требало да одлучат дали ќе ги прифатат условите кои ги постави еврозоната. Меѓутоа, на Грција и се заканува банкрот на 30 јуни кога за наплата пристугнува рата од ММФ од 1,6 милијарди евра, за кои Атина нема пари.
Претходно поради шпекулациите дека ќе бидат воведени капитални контроли, грчките државјани од банките повлекоа неколку милијарди евра.
OhridNews
Извор:Макфакс