Прекинот во работата на грчките банки, којшто трае три седмици, би можел да ја чини земјата дури три милијарди евра, не сметајќи ги неостварените приходи од туризмот, покажува најновата студија. Грчкиот весник Катимерини, повикувајќи се на податоци од трговските здруженија, објави дека само малопродажниот сектор претрпел штета од 600 милиони евра, при што најпогоден е секторот којшто се занимава со малопродажба на облека.

Заменик грчкиот министер за финансии, Димитрис Мардас изјави дека од понеделник банките ќе почнат да работат. Грчките банки се затворени од 29 јуни со контрола на капиталот што го ограничи износот којшто може да се подигне на банкоматите на 60 евра дневно и 120 евра неделно за пензионери и невработените без платежни картици.

Здружението на грчките извозници соопшти дека 240 милини евра е штетата што ја претрпе извозот, додека атинската трговска и индустриска комора предупреди дека на царина се блокирани околу 4,5 илјади контејнери со суровини и готови производи.  Комората додаде дека поради големите застои во прометот на чековите, замрзнатите финансиски трансакции се во вредност од шест милијарди евра. Странските сопственици на кредитни и дебитни картички не беа погодени од затворањето на банките, но кризата негативно се одрази на резервациите за летување во екот на туристичката сезона.

Грчката влада за да ги надокнади проблемите, на граѓаните им овозможи бесплатен превоз во Атина две седмици, но се очекува дека таа мерка ќе го чини државниот буџет дополнителни десет милиони евра.

OhridNews

извор Макфакс