Грчките банки ќе бидат ликвидни до понеделник, изјави претседателот на здружението на грчките банки, Лука Кацели, откако претходно неименувани европски функционери соопштија дека без разлика на исходот од самитот на ЕУ во недела, некои грчки банки ќе бидат угасени и споени со други посилни банки. Грчките власти поради масовното извлекување на граѓаните на своите влогови и од сефови во тамошните банки во износи од повеќе милијарди евра, наредија затворање на банките на 29-ти јуни, по пропаѓањето на преговорите меѓу владата и меѓународните доверители, и ќе останат затворени до 13-ти јули. Исто така, ограничено е и подигнувањето на дневната сума од банкоматите на 60 евра по картичка.

„Знаеме дека сé е осигурено до понеделник“, изјави претседателот на здружението на грчките банки, Лука Кацели.

Во Франкфурт, пак, неименуван европски финансиски функционер за Реутерс рекол дека четирите големи грчки банки, „Piraeus“, „ Eurobank“, „ Alpha“ којашто има свој клон и во Македонија, и Националната банка на Грција, би можело да бидат сведени на две.

„Грчката економија е во урнатини, а тоа значи дека на банките им е потребен нов почеток. Кипарскиот случај може да послужи како модел“, рекол соговорникот на агенцијата.

Челниците на еврозоната ѝ дадоа рок на Грција до крајот на седмицава да предложи реформски пакет за да се одблокира програмата за финансиска помош кој во недела треба да го одобри самитот на ЕУ, доколку со него се согласат сите 28 земји членки.

OhridNews

извор Макфакс