Поволни бескаматни кредити или кредити со ниска камата за млади од 25 до 39 години; масовно реновирање на празни домови; искористување на недвижнините во сопственост на државата; субвенции за енергетска надградба и реновирање; изградба на нови студентски домови и зголемување на студентскиот додаток, содржи програмата на грчката Влада за станбеното прашање што, пред сè, се однесува на младите и студентите, јави дописничката на МИА од Атина.
Стратегијата за социјално домување под името „Мој дом“ во висина од околу 1,8 милијарди евра што ќе опфати околу 135.000 лица, денеска ја презентираа надлежните министри, откако конкретните иницијативи ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговиот говор во саботата на отворањето на Меѓународниот саем во Солун.
Конкретната програма има седум иницијативи, според државниот министер Акис Скерцос, целта е намалување на високата цена за домување, поддршка за младите и можност да добијат сопствени домови, надградба на стари објекти и недвижнини, како и справување со демографскиот проблем.
Министерот за труд и социјални прашања на Грција Костис Хаѕидакис објасни дека се предвиден станбени кредити до 150.000 евра за купување дом до 120 метри квадратни и изграден до 2007 година за млади или млади парови од 25 до 39 години што ќе биде или без камата или со ниска камата и се однесува на 10.000 лица.
Дополнително, ќе се искористат најмалку 1.000 станови што во изминатите години беа дел од програма наменета за домување на мигранти и бегалци, што воедно ќе бидат социјални станови.
Преку европски средства во висина од 200 милиони евра од Фондот за закрепнување предвидена е нова програма за масовно реновирање на 4.000 празни домови кои сопствениците ќе ѝ ги се отстапат на државата за најмалку пет години, а во кои ќе се вселат млади на возраст од 25 до 39 години.
Министерката за образование Ники Керамеос, осврнувајќи се на студентите соопшти дека се планирани две активности: зголемување на студентскиот станбен додаток и изградба на нови студентски домови.
Студентскиот станбен додаток е зголемен за 50 отсто односно од 1.000 на 1.500 евра, а во случај повеќе студенти да живеат заедно изнесува 2.000 евра.
Керамеос соопшти дека ќе се изградат пет нови студентски домови во пет универзитетски кампуси во северна и централна Грција, во Атина и на Крит и ќе имаат вкупен капацитет да примат 8.150 студенти за што е предвиден буџет од околу 540 милиони евра.
OhridNews