Грчката вечер во рамки на годинешното „Охридско лето“ го носи дуото составено од уметниците Христос Гримпас на виолончело и Џорџ – Емануел Лазаридис на пијано.

Грчка вечер на „Охридско лето“

Христос Гримпас е дипломец на Државниот конзерваториум во Солун, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Пост-дипломските студии ги завршува на Високата школа за музика во Есен во класата на В. Менделсон. Бил член на младинскиот оркестар на Рајнскиот регион, Меѓународниот младински оркестар и Оркестарот на ЕУ. Наградите кои се впишани во неговата биографија ги вклучуваат: Грчкиот натпревар за млади солисти во 1997 година, Меѓународниот натпревар „Хелекспо“ во 1998 година, а добитник е на стипендии од Здружението на љубители на музиката во Атина, од фондацијата „Александра Трианти“ како и од фондацијата „Александрос Оназис“.

Како солист настапува со оркестрите во Солун, Карлови Вари, оркестрите во Пазарџик и Софија, како и со оркестарот во Днипро и Харков. Има остварено снимки со Симфонискиот оркестар на Грчкото радио.

Во моментот е член на групата виолончела во Државниот оркестар во Солун, а е еден од основачите на ансамблот „Транскрипции“ со кој настапува на меѓународната сцена во музејот „Тејт“ во Лондон, во музејот „Кралица Софија“ во Мадрид, во „Мегарон“ во Атина и други.

Џорџ – Емануел Лазаридис е роден во Грција во 1978 година. Започнува да настапува на осум годишна возраст и од тогаш е добитник на бројни награди, почесни награди и стипендии. Дипломира на Кралскиот колеџ за музика и на Тринити Лабан Конзерваториумот во Лондон, а негови ментори се: Јонти Соломон, Даглас Финсх и Домна Евнухиду.  Тој работи и со Алфренд Брендел, Рут Ние, Паул Бадура Скода и Норета Конци Лич. Неговото константно присуство на сцената, повеќе од 35 години успешната кариера го води во: САД, Мексико, Русија, Украина, Египет, низ Европа и Блискиот Исток. Настапува пред публиката во Ројал Алберт Хол, во Карнеги Хол во Њујорк и во виенскиот „Музикферајн“. Како солист настапува со оркестрите во Санкт Петербург, Хамбург, со Кралската филхармонија во Лондон и др, под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Инго Мецмахер, Јуриј Темирканов и други легендарни диригенти. Како камерен музичар ја дели сцената со квартетот „Медичи“, со квартетот „Изаи“, октетот „Виена“ и др. Снимените изданија на Џорџ-Емануел Лазаридис се високо оценети од стручната меѓународна критика. Еден од основачите е на асоцијацијата АДАП, како и на Меѓународниот фестивал „Музичко село“, а член е и на ансамблот на Четири пијана заедно со Џанис Вакарелис, Ципријан Кацарис и Ахилеас Вастор. Одржува семинари на Конзерваториумот „Тринити Лабан“, на школата за музика „Менхетен“, на универзитетите во Бирмингем и Кастелон и др. Четири години предава на Државниот грчки конзерваториум,  а неодамна е назначен за асистент на Универзитетот во Солун. Бил уметнички директор на концертните сали во Солун од 2010-2019 година време во кое го основа детскиот хор „Мегаро“ и младинскиот оркестар „Мојса“. Бил уметнички раководител на фестивалот „Деметриа“ и генерален директор на Државниот конзерваториум во 2019-2020 година.

Концертот ќе се оржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се избрани дела на Бетовен, Михаелидес, Лист.

OhridNews