Жителите по долниот дел од течението на реката Грашница деновиве повторно имаа непреспиени ноќи. Најкритично беше во саботата кога по 48-часовни обилни врнежи надојдената река почна да се излева од левата страна и поплави дел од дворовите и куќите на ул. „Ариф Мустафа“.


Со интервенција на екипи од јавните претпријатија беше пробиен мостот на булеварот „Туристичка“ со што се зголеми протокот на вода низ недовршеното корито. За среќа престанаа и врнежите со што беше избегната поголемо излевање на Грашница.


Излевањето на Грашница предизвика револт кај локалните жители кои трпат штети од нерегулираниот тек на реката втора година по ред.


Минатата година поради несоодветно изграден цевковод под вода исто така се најдоа повеќе домови на жителите од населбата Воска, а годинава, покрај обилните врнежи за поплавата придонесе и доцнењето на изградбата на коритото на реката Грашница, што започна кон крајот на ноември.


Според експертите единствено решение да не се повторуваат ваквите проблеми во иднина е да се пренасочи реката Грашница во Далјан, што е предвидено уште со Генералниот урбанистички план за Охрид од далечната 1973 година, а реализацијата на овој проект  е дел и од актуелниот ГУП.



Според пресметките направени со првичниот план од 1985 година, за дислокација на коритото на Грашница се потребни 6,5 милиони евра. Експертите посочуваат дека Охрид сам не може да ги обезбеди тие средства, дури и државата  на овој план би имала големи тешкотии, затоа треба да се побара помош од  меѓународната зедница за решавање на најгорливиот урбанистички и комунален проблем во градот.

Г.М.