Граѓаниските организации од Платформата за борба против корупција, вчера повикаа објавените снимки од наводно прислушувани разговори да бидат предмет на истрага, поради постоење на основи за сомневање за незаконско прислушување, а со цел утврдување кој ги снимал разговорите и ја нарушил приватноста на граѓаните.
„Бараме содржината на снимките да биде посебно и внимателно испитана, затоа што разговорите укажуваат на можни незаконски активности. Без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира постоење на корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба, што се казниви дејствија за кои се гони по службена должност“, велат од Граѓанските организации.
Очекуваат Јавното обвинителство веднаш да покрене постапки за гонење непознати лица за неовластено и незаконито прислушување и да отвори постапки за сите наводни злоупотреби, незаконито постапување, корупција и нарушување на човекови права кои се наведуваат во објавените снимки.
Јавното обвинителство, според нив, треба да поведе постапка за утврдување дали ресурси на МВР биле употребени за незаконито прислушкување и за резултатите од истрагата да ја извести јавноста.
„Обвинителството веднаш да покрене постапка за гонење на непознати лица за неовластено и незаконско прислушување и да отвори постапка за сите наводни злоупотреби, незаконски постапувања, корупција и нарушување на човековите права кои се наведуваат во објавените снимени разговори, а посебно да ги испита индициите од снимките дека МВР се ставило во функција на спречување на политичко делување во време на избори, оти постоело прекршување на избирачкото право, незаконски се издавале лични карти, ресурси на МВР биле употребени како партиски штаб, имало манипулација со социјалната помош и бенефиции, УЈП селективно постапувала приконтрола и казнување, а постоеле и притисоци и закани за губење на работното место за вработени во јавната администрација“, рече Мишо Поповиќ од Цивилис.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата очекуваат да се произнесе по случаите и да ги преземе сите мерки во рамките на нејзините надлежности.
Судскиот совет, според Платформата за борба против корупција, треба да поведе постапка за несовесно и незаконито постапување на судиите за кои постојат индиции дека постапувале под влијание на носители на функции.
Од Плаформата за борба против корупцијата истакнаа и дека доколку повиканите институции не ја известат јавноста дека преземаат мерки за да ги истражат наводите во наредните 30 дена, ќе сметаат дека не постапуваат по својата службена должност.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 година од 15 граѓански организации: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики.
OhridNews
Извор: „Макфакс“