Последниве неколку години во строгиот центар на градот над зградите се поставени неколку големи репетитори во сопственост на мобилните оператори. Населението што живее во близина на зградите каде што се поставени   се загрижени за сопственото здравје, затоа што никој нема информација колкаво е зрачењето, дали воопшто некој го мери и колку е опасно за здравјето на луѓето.


Во непосредна близина на зградите над кои се поставени репетиторите се наоѓа детската градинка , основното училиште, гимназијата и економското училиште каде што децата го поминуваат скоро цел ден. Луѓето кои живеат во овие и околните згради се жалат на здравствени проблеми, главоболки и повеќето ги поврзуваат таквите појави со постоењето на зрачење од репетиторите кои се поставени во близина на нивните домови, велат жители од  зградите во централното градско подрачје каде се и поставени најголемиот број од репетиторите.


Од  Локалната самоуправа објаснуваат дека најчесто репетиторите на станбените објекти се поставуваат со претходно добиена согласност од станарите во зградата и дека за разлика од  минатите години, кога дозволата ја даваше Министерството за транспорт, сега одобрението за поставувње ја дава Секторот за урбанизам.

Експертите објаснуваат дека антените од мобилните оператори поставени на   зградите зрачат  на три страни. Дозволени се вредности од 0,2 миливати врз квадратен сантиметар. Според експертите зрачењето не е толку големо во зградата, туку е поизразено врз околните објекти, а единствениот начин да се контролира зрачењето од базните станици е редовно мерење. Тоа кај нас ретко се прави, а дополнителен проблем е што нема закон, ниту институција што ќе ги присили операторите почесто да го мерат зрачењето, предупредуваат експертите.

OhridNews