Според податоците добиени од Локалната самоуправа, на еден ден од рокот за регистрирање на заедниците на сопственици, во општина Охрид оваа законска обврска ја исполнале само 15 од заедниците.
Граѓаните во паника се обидуваат да се организираат, но во некои станбени згради тоа е многу тешко затоа што голем број од сопствениците на станови постојано не живеат во Охрид и не се тука.
Подготвеност не постои ниту од страна на службите одговорни за реализација на законот. Неофицијално, Регулаторната комисија за домување не функционира, ниту пак е подготвен инспекторатот кој е надлежен за контрола на спроведувањето на законот.
Со цел граѓаните да бидат информирани за начинот и постапката за регистрација на заедница на сопственици, општина Охрид на својата интернет страница ги објави примерите од потребните обрасци за регистрација на заедница на сопственици.
Од Централниот регистер велат дека станарите сами одлучуваат дали ќе изберат Претседател или Управител.
Сопствениците на становите во една зграда ако се определат за Заедница на сопственици, според законот, треба да свикаат собир на кој ќе потпишат договор за заемни односи и ќе донесат одлука за формирање на заедницата, статут и одлука за избор на претседател на заедницата и со овие документи треба да се запишат во Централниот регистер.
Доколку сопствениците на становите се одлучат за модел со управител што како опција е предвидено согласно Законот за домување, постапката е слична, но управителот треба да има лиценца од Регулаторната комисија за домување. Во тој случај место статут се склучува договор за управувачки услуги. Управителот ќе треба да се грижи за тековното одржување на зградата и ќе располага со резервен паричен фонд формиран од зградата.
Откако ќе ја завршат процедурата за регистрација во Централниот регистер, новите управители или претседателите на заедниците на сопственици имаат обврска да се пријават во Општината каде се запишуваат во регистарот на општината.
Во меѓувреме општините назначуваат инспектор, кој ќе врши надзор над спроведувањето на одредбите на Законот.