Граѓаните сметаат дека политиката вмешала прсти во случувањата околу јубилејното издание на фестивалот Охридско лето.

На прашањето на Охридњус- Дали програмата на Охридско лето соодвествува со златниот јубилеј на фестивалот, најголемиот број од анкетираните, 337 односно 34%  одговориле дека културата и политиката не одат заедно. 256, односно 25% одговориле дека фестивалот заслужува многу подобра програма, 288 односно 29% од анкетираните се изјаснале дека програмата не е соодветна на јубилејот. Само 124, односно 12% од анкетираните граѓани сметаат дека програмата одговара во однос на одбележувањето на 50- тиот роденден на фестивалот. Со анкетата беа опфатени вкупно 1005 граѓани.

За потсетување, додека фестивалската дирекција ги финализираше подготовките за годинешната програма, Зоран Џорлев, претседателот на управниот одбор на „Охридско лето“, поднесе оставка. Причините за неговата оставка, како што изјави Џорлев, беше длабокото навлегување на политиката во културната сфера и доцнењето на програмата за годинешното 50-то јубилејно издание на фестивалот.  На оваа функција подоцна беше поставен Зоран Велјаноски-Летра.
Во јуни, со одлука на министерката за култура беше разрешен директорот Тони Симоноски.

Програмата официјално беше промовирана неколку дена пред почетокот на фестивалот. Охридско лето годинава понуди 25 концерти, 13 театарски претстави, една балетска претстава и еден оперски гала-концерт.

OhridNews