Чесноста, трудољубивоста и одговорноста се трите најзначајни вредности кои што граѓаните сметаат дека треба да ги поседува еден пратеник.
 
Во пресрет на предвремените парламентарни избори кои што треба да се одржат на 5 јуни, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Институтот за демократија и Македонскиот институт за медиуми спроведоа анкета „Профилот на мојот пратеник“ на 400 испитаници, која ги става под лупа пратениците и ги покажува очекувањата на граѓаните од нив.
 
Како што пренесува „Макфакс“, анкетата покажува дека граѓаните во однос на професијата сметаат дека пратениците треба имаат самостојна дејност, што вклучува правници, архитекти, адвокати, економисти или сопствен бизнис. Околу 60 проценти од граѓаните одговориле дека пратениците треба да имаат самостојна дејност. После тоа следуваат лекарите и наставниците.
 
Околу 50 проценти сметаат дека во политичките партии недостигаат жени, а околу 30 проценти дека недостигаат млади до 27 години.
 
Од анкетата може да се заклучи дека етничкиот предзнак сепак влијае на политичката определба на граѓаните. Дури 62 проценти од испитаниците одговориле дека не би гласале за кандидат од друга етничка заедница, а само 26 проценти би гласале за кандидат од друга етничка заедница.
 
Околу 74 проценти од испитаниците ќе гласаат за пратеничка листа на било која политичка партија врз основа на квалитет на кандидатите и изборната програма, а само 25.4 проценти ќе гласаат за партијата на која се симпатизери без разлика на квалитетот на кандидатот и изборната програма. Ова според експертите е еден европски тренд.
 
Повеќе од 57 проценти од испитаниците би сакале да знаат кој од кандидатите на пратеничката листа се планирани за други владини функции, а не во Парламентот. Исто толкав број од испитаниците сметаат дека градоначалниците не треба да бидат на пратеничките листи, доколку потоа се ангажираат во Парламентот.
 
Со анкетата се отвараат и многу прашања при извршувањето на пратеничката функција. Универзитетската професорка Тања Каракамишева смета дека професијата пратеник е тотално девалвирана. За неа е проблематична возраста на пратениците со која тие имаат право да се кандидираат.
 
„Професијата пратеник е тотално девалвирана. Не се бара дополнителна дејност, оставено е на политичките партии да предложат какви профили на пратеници и се потребни на Македонија“ вели Каракамишева.
 
Таа смета дека за да се биде пратеник не е доволно да се има навршено 18 години и да се има деловна способност, како што е предвидено со законот. Според неа пратеникот треба да има минимум 30 години и не треба функцијата пратеник да му биде прва.
 
„И покрај тоа што ми е јасно дека политичкиот мандат е неотповиклив и дека тој што ни е изборот ни е забетониран за следните четири години. Мислам дека треба да се изнајде одреден модус, пратениците да бидат одговорни пред граѓаните. Не може да чекаме четири години да се прават зулуми во Собранието и по четири да ги казниме. Треба да се најдат одредени формули, преку граѓанска иницијатива, да се издејствува промена на составот на Собранието, доколку граѓаните се незадоволни“ вели Каракамишева.
 
Истражувањето на Македонскиот институт на медиумите за известувањето на медиумите за време на парламентарните и локалните избори во 2009 година,  покажало нејасна регулатива за медиумско покривање, несериозна дебата во медиумите, каде новинарите се појавуваат само како трансмитери.
 
„Од 2002 немаме соочување меѓу лидерот на власта и лидерот на опозицијата. Тоа се девет тажни години за македонската демократија, која што не го користи основниот инструмент на модерната демократија, дебатата, каде ќе се соочат две политички опции, повеќе политички опции, па од соочувањето на аргументите, граѓаните ќе добијат квалитетна информација, која ќе им помогне да го направат правилниот избор за нив на денот на гласањето“ вели Петрит Сарачини од МИМ.

OhridNews
извор: „Макфакс“