Општинскиот центар за услуги на граѓаните од денеска и официјално е ставен во употреба. Почетокот на работата на сервисниот центар кој се наоѓа во приземјето на општината го означија градоначалникот на Охрид, Александар Петрески и евроамбасадорот Ерван Фуере.


Новиот општински центар за услуги е од големо значење за охриѓани, а особено за граѓаните од околните населени места, кои ќе можат на едно место да ги поднесат барањата од каде и ќе ги добиваат потребните документи, истакна градоначалникот Петрески. Тој објасни дека во иднина граѓаните од Трпејца, Пештани, Косел не ќе има потреба да доаѓаат во Охрид за да подадат документи туку тоа ќе можат да го сторат во подрачните центри во местата на живеење.


Според Петрески на овој начин ќе се подобри ефикасноста и ќе се избегнат разните забуни со кои се соочувавме досега, а најважно од се градоначалникот и раководителите на сектори ќе имаат целосен увид на текот на постапката за решавање на предметите. Исто така, додаде Петрески, граѓаните во иднина ќе знаат точно каква документација им е потребна за добивање на бараната услуга, што е најголема причина за бавното решавање на нивните барања.Тој изрази уверување дека уредно поднесените барања во иднина ќе бидат завршени во рок од 7 до 10 дена.


-Сега не ќе може ниту граѓаните да бараат одредена услуга доколку не поседуваат соодветна документација, меѓутоа и администрацијата ќе нема  простор за оправдувања затоа што ќе се знае кога одреден предмет започнал да се решава и доколку има застој каде е тој, рече Петрески. Според него на тој начин не само што ќе се подобри ефикасноста на општинската администрација, туку и ќе се елиминираат и можностите за корупција која, како што истакна, е можна доколку документитете предолго се чуваат во фиока.


Охридскиот  е еден од 36-те сервисни центри кои се отвораат со финансиска поддршка на ЕУ.

-Ова е конкретна подршка на ЕУ на процесот на децентрализацијата и подобрување на квалитетот на услуги кои на локално ниво ќе ги добиваат граѓаните, истакна евроамбасадорот Ерван Фуере. Тој изрази надеж дека граѓаните во иднина преку сервисниот центар ќе можат многу полесно на едно местода ги добијат сите потребни документисо завидно ниво на услуги од страна на општинската администрација.  

Ohridnews