„Заштита на потрошувачите во доменот на услугите од јавен интерес“ е тема на трибината што ја организира Организацијата на потрошувачи на Република Македонија во Охрид.

Во делот на заштитата на потрошувачките права, најголем проблем граѓаните имаат со услугите од јавен интерес, без разлика дали се работи за приватни провајдери или јавни претпријатија на локално и државно ниво. Ние како организација, малку можеме да им помогнеме на потрошуачите, зашто поголемиот дел од приговорите што ги добивавме, се решаваа во корист на давателите на услуги и не беше прифатено она што потрошувачот го има како приговор, вака ги објаснува причините за оваа трибина, Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.

ОПМ започна и со анализа на правната регулатива со цел да се согледаат пропустите а направена е и јавна анкета која укажува дека граѓаните имаат најголеми проблеми, токму со комуналните услуги.

За патот до поквалитетните услуги кои се од јавен интерес, интерактивно учество зедоа потрошувачката организација од Охрид, претставници од локалнта самоуправа, од јавните претпријатија и други провајдери, инспекциските органи, како и претставници на невладините организации.

Проектот е финансиран од ИТЗ-УСАИД, а за  неговите потреби  ќе се подготват и тези кои Организацијата на потрошувачи ќе ги достави до Владата на Република Македонија и до ресорните министерства.

А.Р.