Претставници на граѓанската иницијатива за спас на Сараиште и на МЗ „Стар град“, бараат доследно спроведување на одредбите од Деталниот урбанистички план за урбана единица 1 и уредување на плажата како слободна зона.


Ние не бараме ништо повеќе од она што е предвидено во Урбанистичкиот план. Според планот, оваа локација е предвидена како слободна јавна површина, достапна за користење на сите граѓани, без какви било времени или трајни објекти,  рече Горан Пржин, во име на граѓаните кои стојат зад иницијативата.


Граѓаните, како што беше кажано на прес конференцијата, бараат од плажата Сараиште да се отстранат сите објекти кои не се предвидени со урбанистичкиот план за овој дел од градот и просторот да се оплемени со корисни содржини. Пржин укажа дека сите органи на власта, од пратениците во Републичкото собрание, преку Комисијата за урбанизам при Локалната самоуправа, до градските советници и градоначалникот, ја поддржале граѓанската иницијатива за спречување на узурпација на просторот и негово оплеменување, односно поставување клупи, соодветно осветлување, обезбедени места за рекреација и капење, без какви било угостителски објекти.


Како дел од иницијативата за спас на Сараиште изработен е план за уредување на просторот на оваа плажа кој е доставен до општина Охрид, до комисијата за урбанизам и со пропратно писмно до градоначалникот со барање да се состанеме во најскоро време и овој дел да се финализира. Топката сега е кај  локалната самоуправа од која очекуваме да го испочитува ветувањето дадено до граѓаните дека финансиски ќе ја помогне релизацијата на овој проект, истакна Пржин.


На плажата Сараиште во моментов покрај дваесетина оставени кајчиња постои само еден времен објект кој работи  од 1999 година. Неговите сопственици велат дека пред десетина дена им пристигнало решение за отстранување на истиот. За нив е несфатливо кој и зошто сака да го отстрани угостителскиот објект, бидејќи истиот не ја узурпира плажата. Сопствениците посочуваат дека согласно новиот Закон за просторно планирање и за градба локалните самоуправи треба да изготват програма за поставување урбана опрема и времени објекти, со која ќе се уреди оваа област во која пет години имаше правен вакум. Оттаму, тие очекуваат дека нема да се избрзува со одлуката за уривање туку ќе биде сочекано општината да ја донесе програмата за поставување времени објекти на јавни површини, со која ќе бидат предвидени и содржините на плажата Сараиште.

Г.М.