Се сумираат податоците за вкупниот туристички капацитет со кој располага Охрид. Како што информира на денешната седница на советот на градски татковци, претседателката на Туристичката комора на Македонија, Лејла Крстеска, активностите имаат за цел поголема промоција и продажба на капацитетите со кои располага градот.

Статистиките за туристичките капацитети ќе им бидат презентирани на туристичките агенции во Македонија.  Овој пат е сегментирано колку капацитети има во приватното сместување, колку во хотелите и колку се во развој, односно нови капацитети кои ќе почнат со работа оваа година, изјави Крстеска која додаде дека на денешната седница се разгледувале и можностите за привлекување на туристи од нови дестинации, меѓу кои и од Кина.

Развојот на туризмот како и останатите стопански гранки тесно е поврзан со банкарскиот сектор,кој како што нагласуваат од банките, во моментов е стабилен и високо ликвиден.
 
Ги повикувам сите субјекти кои имаат добра бизнис идеја да аплицираат во банка за добивање на ефтини средства кои би биле ставени во функција на развојот. Ефтини средства тоа значи раст на нивниот профит и нови вработувања со што би се придонело кон поширока општествена корист и благосостојба во државата, рече Милчо Митрески, претставник од Тутунска банка.

Покрај претставници од банкарскиот сектор и туризмот, на денешната седница на локалниот економски совет , присуствуваа и претставници од градежништвото и секторот за преработка на храна . Се разгледаа можностите за потесна соработка на бизнис заедницата во Охрид и нивната потреба за потесна комуникација.

Од членовите на советот и останатите присутни беше истакната потребата од честа комуникација и одржување седници на кои заеднички ќе се разгледуваат проблематиките во специфичните делови од бизнисот, како и плановите  и идеите за надминување на пречките со кои се среќааваат. Целта е низ постојана комуникација да  се креираат адекватни решенија за унапредување на бизнис климата во Охрид и раст на локалната економија и да се креираат можности за зголемување на бројот на вработени, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Денешната седница на советот на градски татковци е седма по ред и беше со единствена точка на дневен ред- економската сотојба во Охрид.

Т.К: