Претставата „Среќни денови“ е исклучително тежок театарски проект кој бара исклучителна актерска екипа, вели режисерот Гојер.
-Јас сум вљубеник во Бекет иако до сега сум работел само еден негов проект. Се нафатив на оваа работа со овие двајца извонредни актери од една едноставна причина што оваа претстава пред се бара феноменална актерска енергија. Таа енергија после долго размислување и барање ја најдов во Горан и Јасмина и сметам дека се работи за актерски пар пред кој претстои иднина, бидејќи во оваа претстава тие демонстрираат современ актерски израз на до сега непознат начин на адаптација на текст на Бекет на овие простори.-изјави за OhridNews, режисерот Гојер.
Носител на проектот е „Градски театар“ од Охрид во копродукција со „Мал драмски театар“ од Битола, „Народно позориште“ од Сараево и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Иако иницијативата за реоформување на градскиот театар во Охрид што ја поттикна и промовираше лајонс клубот „Лихнидос“ доби поддршка од Локалната самоуправа, неа засега ја нема во овој проект, а актерската екипа и иницијаторите се уште чекаат на првите конкретни чекори на општината која за театарот предвиде средства во буџетот за 2010 година.
– Советот на општина Охрид донесе одлука за финансирање на Градски театар во Охрид. До сега неколку обиди имаме да контираме со надлежните во локалната самоуправа и со градоначалникот со цел да дознаеме доколку веќе се одобрени средства во буџетот за театар, за колкава сума се работи, колку средства ќе ни одобрат и на колкав буџет може да се надеваме за реализација на театарски проекти, затоа што, за претставата „Европа“ Министерството за култура определи буџет и врз основа на тоа потпишавме договор за изведба на претставата. Дали Општината ќе даде некаков документ, договор? – што сметам дека е исклучително битно и професионално, истакна актерот и режисер, Горан Стојаноски.