Со засадување дрвца во паркот на градскиот кеј  во Охрид денеска заврши едномесечната кампања за омасовување на акцијата „Ден на дрвото – Засади ја својата иднина“, во која се вклучени претствници на иницијативниот одбор, странски амбасадори во земјата, естрадни ѕвезди и спортисти.


Во рамки на кампањата посетивме околу 20 градови, почнавме со Прилеп, завршуваме со Охрид. Морам да кажам дека сме воодушевени од соработката на сите, Локалните самоуправи, младината, постарите луѓе, среќни сме што оваа акција толку заживеа, изјави маестро Борис Трајанов, еден од иницијаторите на кампањата.Тој истакна дека во рамките на акцијата е предвидено да бидат засадени околу два милиони млади садници и како и голем број дрвја кои се садат со семе.


Садници во градскиот парк денеска засадија познати личности од културата, естрадата, спортот, како и дипломатски претставници во РМ, меѓу кои и охридската пливачка легенда, маратонката Атина Бојаџи.


– Акцијата во која бев вклучена буквално ме подмлади. Мошне сум возбудена што посадив дрвце во мојот роден град, а моите охриѓани ми рекоа дека ќе го чуваат дрвото и ќе го викаат Ате, рече Бојаџи.


На кампањата и се придружија и голем број познати естрадни ѕвезди кои во знак на поддршка одржаа концерт на градскиот плоштад.

Ohridnews