Некогаш ова спортско пливалиште беше градска гордост. Тука тренираа ватерполистите на „Југ“ и пливачите на „Охридски бранови“. Тука Александар Леко Радиќ по десетина часови го тренираше малиот „Бамби“, Александар Маленко, кој потоа стана и младински европски шампион. И толку за жал.

Но сликата на пливалиштето одамна не е таква, идилична. Веќе многу лета наместо нови пливачки таленти и спортисти,  во базенот пливаат жаби и отпадоци. На зима пак состојбата е уште полоша. Запуштен и окован во мраз, градскиот базен деновиве изгледа жално. Напуштен, тој секојдневно пропаѓа. Интслациите се комплетно уништени.

Некогаш култното место познато по солидни спортски резултати, но и забави и концерти, сега е тажна слика на охридската спортска реалност. Додека имаше народни пари да се трошат без отчет „тренерите“ се тепаа да им држат часови на децата, а „спортските работници“ да бидат на чело на клубовите. Чест на ретки исклучоци. Одамна ги нема „загрижените“ спортски работници, никој не крева глас против пропаѓањето на базенот сосе спортскиот центар.

Општината крева раце поради нерешените сопственички односи, државата се „џилити“ со изградба на олимписки базен од затворен тип на „Билјанини извори“. И додека надлежните си ја префрлаат одговорноиста, или сонуваат, забот на времето ги гризе последните остатоци од градскиот базен во Охрид. Полека бледеат и спомените, а она малку што останало не потсетува на старите добри времиња и буди спомени за спортските успеси од не така далечното минато.


градскиот базен и натаму пропаѓа

Горан Момироски
фото: Мирко Постоловски