Градоначалниците на трите крајезерски града ја констатирале потребата од поголемо ангажирање и одговорност на државните власти во двете земји бидејќи обезбедувањето на Езерото од загадување и негово зачувување како најголем водоснабдителен ресурс во европски рамки, несомнено, не е само општинска грижа и обврска. Во однос на заштитата на Езерото, како интересна содржина од средбата во Поградец е договорот на тројцата градоначалници да се набави специјален брод-платформа за чистење на езерското дно ( со изнајмување или негово купување) како што тоа го имаат направено општинските власти во Копар, Словенија. Со ова комунално пловило, покажуваат искуствата на Копар, се врши ефикасно чистење на дното од од тиња и алги, што е особено корисно за крајбрежниот дел и локалитетите одредени за плажи.
На средбата во Поградец, тројцата градоначалници го актуелизираа прашањето за отворање на бродската линија, што ќе придонесе за поинтензивна туристичка соработка, а како корисно, токму во однос на развојот на туризмот го оценија отворањето на автобуската линија од Охрид до Будва преку Албанија.