2020 е година на исклучителен јубилеј – 250 години од раѓањето на Лудвиг Ван Бетовен (17 Декември 1770 година), еден од најголемите музички композитори на германската нација и на целото човештво. Охрид е град во кој се родил, живеел и починал друг гениј и полимат, Св. Климент, творецот на Кирилицата и веројатно наједуцираната личност на светот во своето време (840 – 916). Заради нашиот Патрон, ние охриѓаните имаме чест, но и обврска достојно да ги спомнуваме личностите кои низ долгата културна историја на Европа оставиле најдлабоки траги.
Имајќи го ова во вид, Лајонс клубот „Лихнидос“, на 17 декември во Охрид ќе организира неколку пригодни настани со кои симболично ќе му биде оддадена почит на музичкиот гениј Бетовен.
Во овој проект ангажирaвме вкупно 250 уметници од Охрид, кои пленат со својот талент, ентузијазам, но и со љубов кон својот град. Во ова време на страшни премрежија, страв и неизвесност, сите заедно ќе ја пренесеме на светот нашата пораката за мир, здравје и подобра иднина. – вели Проф. Д-р Зоран Тунтев од ЛК „Лихнидос“, иницијатор на проектот.
Во пресрет на настанот, волонтери на Културолошката иницијатива „5 до 12“ направија неколку графити, кои ја разубавија фасадата на зградата на ОМУ „Методи Петче“.
Во одбележувањето на 250 години од раѓањето на Лудвиг Ван Бетовен на креативен начин се вклучија Охридскиот музички еснаф, Градскиот хор „Vox Lychnidos“, ученици и професори од основното музичко училиште „Методи Патче“, хорот на Гимназијата „Св. Климент Охридски“ и Културолошка иницијатива „5 до 12“.
Настанот финансиски го помогнаа Амбасадата на Сојузна Република Германија, Општина Охрид и АСП – ПАК, а техничка, аудио и видео поддршка овозможија: Studio 2S, Студио Китрозон, IN TV, ПАП – Охрид и OhridNews.
OhridNews