Детроит, градот познат како центарот на американската автомобилска индустрија се наоѓа во сериозни финансиски проблеми. Привремениот градоначалник Кевин Ор до надлежниот суд поднел барање за стечај. Доколку судот го прифати барањето Детроит ќе стане најголемиот град во историјата на САД кој банкротирал.


Стечајот би можел да значи и распродажба на градскиот имот за да можат да се подмират обврските кон вработените во градската управа, како и кон пензионерите кои некогаш биле вработени во општинските претпријатија и во градската администрација. Инаку, како што пренесоа американските медиуми долговите на градот се проценуваат на 14 милијарди долари.

Многу фактори придонеле за банкротот на Детроит, но како главен се посочува изразената депопулација во последните десетина години, со што значително се намалил бројот на лицата кои плаќаат даноци.

Детроит, индустрискиот бисер на САД, во последните 60 години загубил половина од своите жители поради што големите компании целосно го напуштиле градот, што според медиумите бил тежок удар за градската каса.

Детроит во 1950 година имал 1,8 милиони жители, додека денес градот има 685.000 жители, а податоците покажуваат дека во периодот од 2000 до 2010 година од градот се отселиле 250.000 луѓе.

OhridNews
Makfaks