Градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца, Алекандар Петрески, Рамиз Мерко и Љупчо Којчиноски, му се пожалија на евроамбасадорот Ерван Фуере, дека државата ја опструира изградбата на регионалната депонија.


Има можност да се изгради регионална депонија, за тоа има и одлуки од советите на општините и има заинтересирани инвеститори, но државата не треба да прави опструкции туку треба да даде дозвола за да може да се реализира овој проект, истакна градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.


Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко  истакна дека постојат заинтересирани компании кои нудат изградба на три регионални депонии во Западна Македонија во вредност од 300 милиони евра кои тие сами би ги вложиле, но за тоа нема интерес кај државата. Со Законот за јавна чистота обврзани сме да ги расчистиме дивите депонии, а нема каде да го одложиме тој смет бидејќи не постои легална депонија, додаде Мерко.


Градоначалниците своите забелешки ги истакнаа на средбата со евроамбасадорот Ерван Фуере, кој денеска престојуваше во работна посета на  Охрид. На средбата станало збор за третирањето на комуланиот отпад и потребата од изградба на регионална депонија која подолг период тапка во место. Охрид, Струга и Дебрца се пример за одлична меѓуопштинска соработка и  нивната иницијатива заслужува поголема поддршка од владата, рече по средбата Фуере. Тој посочи дека Охрид како град на УНЕСКО има посебно значење и потребна е поголема грижа за  негова заштита.

Г. Момироски