Претставници од охридските кајчари и градоначалникот Никола Бакрачески остварија средба со цел да се решат проблемите околу нивниот статус и обврската која произлегува од новиот закон за спречување вршење нерегистрирана дејност кој стапи во сила во месец април годинава, според кој за да вршат превоз на патници треба да имаат регистрирано фирма или да се формира трговско друштво за кое би работеле кајчарите и кое би функционирало како и такси компаниите.
Градоначалникот на средбата ветил дека ќе посредува кај надлежните државни институции, за брзо и трајно решавање на проблемот. На средбата, на која присуствуваа и претставници на Секторот за туризам и локален економски развој и подрачната единица на пазарниот инспекторат, беше кажано дека веднаш ќе се испрати барање до Секторот за туризам при Министерството за економија за покренување постапка за дополнување на Законот за туристичка дејност, со кој досега беше регулирана дејноста кои тие ја извршуваат .
Од локалната велат дека активностите и средбите ќе продолжат со надеж дека ќе се изнајде прифатливо решение, бидејќи превезувањето патници со чамец по Охридското Езеро претставува , традиционално препознатлив дел од туристичка понуда.
Охридските кајчари минатата недела стапија во штрајк незадоволни што од нив се бара да вршат превоз единствено ако имаат регистрирано фирма, а не како досега кога превозот со такси кајчињата го вршеа како физички лица. Од страна на пазарната инспекција поради неисполнување на законската обврска беа казнети неколку кајчари кои треба да платат казна во висина од 500 евра.
OhridNews