Влезот на странски инвестиции и подигањето на економијата и креирање на нови работни места е насушна потреба за охриѓани, вели градоначалникот Никола Бакрачески коментирајќи ја најавата за новата инвестиција на ОДВ „ Електрик“ во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга.
– Охрид е град со најголем број невработени дури 11% повеќе од македонскиот просек, нешто што уште од првиот момент по добивањето на мандатот за нас беше врвен приоритет. Благодарение на напорите на владата и ангажираноста на локалната самоуправа во минатиот период се успеа да бидат потпишани два договори за влез на големи странски инвеститори, две компании за производство на делови од автомобилската индустрија , потенцира Бакрачески.
Овие инвестии градоначалникот се надева дека ќе бидат поттик за други странски компании да инвестираат во градот.
– Се надевам дека овој тренд на влез на странски инвестиции во Охрид ќе продолжи и ќе биде поттик и ќе влеат сигурност кај другите компании да се охрабрат и инвестираат во Охрид. Со градење на мрежа на локални кооперанти ќе бидат помагани и локалните компании во градот и тие ќе имаат можност да го зголемат своето производство и да вработаат поголем број на луѓе, вели градоначалникот Бакрачески.
Германската компанија од автомобилската индустрија „ОДВ Електрик“ за две недели ќе почне со изградба на фабрика во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга каде најавува инвестиција од 15 милиони евра и отворање 1.000 нови работни места. „ОДВ Електрик“ по одлуката за инвестирање во Македонија во април лани на крајот на годината почна со пробно производство во постојни капацитети во Охрид и досега има вработено 130 лица. Плановите се до крајот на годината бројот на вработени да достигне 150 по што ќе следи етапно реализирање на најавените 1.000 нови работни места. Новата фабрика во индустриската зона помеѓу Охрид и Струга според најавите треба да почне со работа кон средината на следната година.
OhridNews