Градоначалникот Александар Петрески денеска најави дека Oпштината Охрид ќе поднесе кривична пријава против министерот за локална самоуправа, Муса Џафери, а ќе бара и интерпелација за неговата работа затоа што, како што рече, не ги штити интересите на општините и не постапува законски.
„Министерот за Локална самоуправа треба да работи за доброто на општините а не да врши функција на адвокат на министерството. Сите одлуки што се донесуваат ги добиваме со задоцнување, по два дена “, изјави градоначалникот и додаде дека одлуките на министрите прво пристигнуваат во комитетот на ВМРО-ДПМНЕ а потоа и во општината.
Петрески планира постапката за поднесување кривична пријава против министерот да ја започне на 4 декември на состанокот на ЗЕЛС во Охрид, а интерпелацијата ќе ја покрене преку пратениците од Охрид. Градоначалникот најави дека одговорност ќе побара од сите инволвирани, во како што рече , хајката која се води против општината Охрид. „Одговорност ќе бараме и од министестерствата за транспорт и врски и за култура“, најави Петрески.
Инаку, Државниот инспекторат при Министерството за локална самоуправа деновиве донесе решение со кое ја запре примената на деталниот урбанистички план за урбаната единица 8 – Бејбунар, изгласан од Советот на општина Охрид.
А. Р.