Поради неодговорното однесување на Владата, Охрид во текот на годината претрпи загуба од околу 6 милиони евра. Во однос пак на туристичката такса околу 30 милиони денари, тврди градоначалникот Александар Петрески.
– Негативните последици од ваквото однесување на централната власт ги осеќаат граѓаните, сопствениците на бродовите, сопствениците на хотелите, апартманите, рестораните, туристичките агенции. Поради сите несреќи кои му се случија на Охрид, од Владата ќе бараме и субвенции, изјави градоначалникот.
Според него годинава туристите беа спречени да дојдат во Охрид поради затворениот патен правец од Битола кон Охрид, како и поради лошата состојба на патниот правец од Скопје.
– Имавме несреќа кога во пролетните месеци бевме поплавени. Патниот правец од Скопје е во катастрофална состојба, па туристите не можеа и од таму да дојдат. Скопјани веќе се помасовно одат во Турција, Грција, а секако влијае и фактот што нема директни летови кон Охрид, потенцира Петрески.
Според него на градот му се случија бројни несреќи и затоа треба да се прогласи вонредна состојба и општината да бара субвенции. Според првиот човек на општината, Владата намерно го саботира најголемиот туристички центар.
– Сите проблеми можеа да се средат пред туристичката сезона.Патот од Битола сега почна да се санира, а можеше тоа да се направи одма по настанатото оштетување и да биде саниран до почетокот на сезоната. Со парите кои ги трошат за споменици во Скопје можеше од Гостивар до Охрид да се направи автопат. Забраната за пловење можеше да се реши за три дена, рече Петрески.