Во рамки на кампањата „Ги запознаваме ретките болести“, градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со Гордана Лолеска, претседателка на здружението „Ретко е да си редок“.
На средбата беше истакнато дека оваа кампања стана препознатлив белег на месецот февруари и дека истата значително ја подигна свеста за ретките дијагнози, кои бараат посебно внимание и достапно лекување. Исто така, беше разговарано и за поддршката која Општина Охрид, трета година по ред ја обезбедува за лицата со ретки болести во вид на редовни стипендии за ученици, студенти и магистранти, информираат од Општина Охрид.
Градоначалникот Пецаков, додаваат, изразил надеж дека секој нареден февруари, преку заедничка соработка ќе може да споделат нови позитивни примери за реална помош низ животните предизвици, кои ги носи ретката болест.
На средбата, градоначалникот Пецаков и Лолеска ги обоија дланките како симбол на надеж дека ќе се обезбеди поголем медицински напредок во третманот и лекувањето на ретките дијагнози.
OhridNews