Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со охриѓанката Анастасија Мојсовска, која ќе ја претставува Македонија на Летните Олимписки игри во Париз 2024, во категоријата спортско стрелаштво.
Градоначалникот изрази големо задоволство што Охрид е горд на уште еден талентиран спортист со охридско потекло, кој ќе настапи на најпрестижниот спортски настан во светот. Тој упати честитки до Мојсовска за нејзиниот пласман на Олимписките игри со желби за висок резултат и уште поголеми успеси во нејзината спортска кариера во иднина. Градоначалникот истакна дека Општина Охрид во континуитет дава поддршка на спортот и особено е посветена на поддршка на талентирани спортисти кои остваруваат големи успеси, информираат од Општина Охрид.
Младата 22-годишна Анастасија Мојсовска ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени – 60 истрели. Според програмата на Олимписките игри, македонската олимпијка ќе го има својот настап на 28 јули 2024 година.
Мојсовска е член на Стрелачкиот клуб „Стрелец“ од Скопје и е повеќекратен Државен првак и рекордер на Македонија со високи резултати на меѓународните натпревари. На последниот Светски куп во Минхен, Германија, таа постави државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови кој беше конкурентен за влез во финале на Летните Олимписки игри.
OhridNews