Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денес ќе одржи координативен состанок по повод откажувањето на Охридскиот пливачки маратон.
По објавувањето на информацијата дека нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон, кој е под покровителство на Претседателот на Македонија, градоначалникот Пецаков истакна дека срамната одлуката за неодржување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон.
Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки. Несериозно е да се остави Националната пливачка федерација со блокирана сметка поради лошо финансиско работење и со тоа неможност да се задржи брендот во маратонското пливање. Жалам за љубителите на водени спортови и гостите што се дојдени на одмор на охридското крајбрежје што Охрид нема да има можност да ги пречека најдобрите светски пливачи кои нема да ја почувствуваат магијата на водата во македонскиот езерски бисер. Апелирам да престане уништувањето на националните симболи и манифестации по кои е препознатлива Македонија, вели Пецаков.
Дали има сеуште надеж за зачувување на традицијата останува да видиме по одржувањето на состанокот.
Инаку, во текот на вчерашниот ден беше соопштено од страна на претседателот на Националната пливачка федерација дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон кој традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата со образложение дека причините поради кои е донесена таа одлука се поврзани со блокираната сметка на федерацијата и финансиското работење на претходното раководство.
Низа реaкции следеа и на социјалните мрежи меѓу нив дека „за најстарата и најпрестижната спортска манифестација, државата нема пара“, „срамота за една држава да нешто што е вредно со години да прекини“, до тоа дека „за вакви големи настани се користат и европски фондови“, „уништен уштен еден вреден бренд на Македонија на спортски план“, но и дека се издвојуваат средства за ред други манифестации и антимакедонски прослави.
OhridNews