Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко е осуден на една година условна казна, поради обид за незаконско поставување на споменик на Нури Мазари-алијас командант Струга, во центарот на градот.

Судијата Фатмир Даути од Основниот суд во Струга на градоначалникот Мерко му изрече казна затвор од 3 месеци, која е преиначена во условна казна од една година, доколку осудениот во тој период не изврши кривично дело. Во образложението на пресудата се наведува дека градоначалникот Мерко спротивно на одлуката на судот за стопирање на градежните работти продолжил со изградба на постаментот за споменикот на Нури Мазари.


Местото каде требаше да биде подигнат споменикот

Градоначалникот на Струга, одлуката на судот ја смета за политичка и не чувствува одговорност бидејќи, како што вели, нема никаква врска со обидот за поставување на споменикот на Мазари. „Поставувањето на споменикот го иницираа ветераните на ОНА до Советот на општината, која донесе одлука за изградба на споменик на Нури Мазари. Изградбата на споменикот ја финснираше здружението на ветерани од војната, а локалната самоуправа нема распишано тендер за тоа и нема издвоено пари за реализација на оваа иницијатива. Затоа сметам дека одлуката на судот во најмала рака е тенденциозна“, ни изјави Рамиз Мерко.


Мерко не чувствува одговорност

Нури Мазари беше убиен во струшкото село Делогожда во 2005 година во обид да спречи расправија меѓу двајца соселани. Поранешниот припадник на ОНА беше член на Советот на општина Струга кој донесе одлука за изградба на негов споменик на кејот од реката Дрим. Веднаш по отпочнувањето, градежните работи за изградба на споменикот со судска одлука беа стопирани, по што бистата на Нури Мазари наместо во Струга беше поставена во Делогожда. Обидот за изградна на споменикот на командант Струга во центарот на градот предизвика меѓуетнички тензии, а против идејата беше и ЕУ, која преку високиот претставник во Македонија, амбасадорот Ерван Фуере, побара локалните авторитети да се откажат од изградбата на споменикот на кејот од Дрим.

Г. Момироски